Background

ВО ДАНСКА СЕ ВРАЌА ФИЗИЧКОТО ИНТЕРВЕНИРАЊЕ ВО УЧИЛИШТАТА

Данска планира да им даде пошироки овластувања на наставниците за одржување на редот во училниците, вклучително и можност физички да задржат ученик или да го преместат во друга просторија против негова волја доколку го попречува наставниот процес. Новите правила би можеле да почнат да се применуваат од август 2027 година, доколку биде усвоен предлог-законот, објавува британски „Телеграф“.

Предложената промена е дел од реформата на образовниот систем што ја иницираше централно-левичарската влада во Копенхаген. Според британскиот медиум, станува збор за една од најоспоруваните образовни иницијативи во земјата во последниве години.

Досегашните правила, воспоставени по забраната на телесното казнување во 1967 година, предвидуваат дека наставниците смеат да употребат физичка сила само кога е загрозена безбедноста на ученикот, на другите присутни или на училишниот имот. Со новиот предлог, можноста за физичка интервенција би се проширила и на ситуации во кои ученикот го нарушува редот на часот.

- Advertisement -
Ad image

Законот го подготвило Министерството за образование, по долгогодишните барања на националниот синдикат на наставници, кој предупредува дека сè потешко е да се справуваат со учениците чие однесување го попречува нормалното одвивање на наставата.

– Наставниците не смеат да бидат оставени во недоумица за тоа што смеат да направат кога ситуацијата ќе ескалира. И ниту еден наставник не треба да се плаши дека ќе добие отказ затоа што интервенирал кога тоа било неопходно во насилна ситуација – изјави министерот за образование, Магнус Хојнике.

Застапниците на промените укажуваат на проблемот со насилството меѓу учениците, со кој наставниците сè почесто се соочуваат, особено во пониските одделенија. Дел од нив велат дека се двоумат дали физички да интервенираат поради страв од можните последици.

Истражување на Министерството за образование, објавено на 1 октомври, покажало дека во текот на 2025 година физичко насилство меѓу учениците било пријавено најмалку еднаш во 55 отсто од одделенијата. Во 36 отсто од нив, ваквите инциденти се случувале еднаш месечно.

Најголема застапеност на физичкото насилство била забележана во најниските одделенија, од нулто до трето, каде што инциденти биле пријавени во 75 отсто од одделенијата. Во групата од четврто до шесто одделение уделот изнесувал 59 отсто, додека кај учениците од седмо до десетто одделение бил 27 отсто.

Податоците покажале и дека насилните инциденти најчесто се поврзувале со мал број ученици. Во 60 отсто од одделенијата во кои биле пријавени такви случаи, било наведено дека во нив учествувало едно или две деца.

Истражувањето, исто така, не утврдило општа поврзаност меѓу етничката припадност на учениците и повисокото ниво на насилство или агресивно однесување.

Претседателот на синдикатот на наставници, Гордон Орсков Мадсен, предупредил дека неизвесноста околу дозволените постапки влијае врз работата на наставниот кадар.

– Во текот на изминатата година, секој трет наставник се воздржал од физички контакт за да воспостави ред во училницата, од страв од негативни последици – изјави Мадсен.

Предлогот првично бил подготвен минатата есен од тогашниот министер за образование, Матијас Тесфаје. Тој се залагал за враќање на поголема дисциплина и авторитет во училиштата, а остро ги критикувал родителите за кои смета дека не ги воспитуваат соодветно своите деца.

Иницијативата наиде на отпор кај дел од образовната и граѓанската јавност. Повеќе од 500 експерти за образование и невладини организации претходно потпишале авторски текст со кој се спротивставиле на планираната реформа.

Расмус Кјелдал, директор на Националното здружение за правата на децата, предупредил дека проширувањето на овластувањата за физичко интервенирање може да влијае врз односот меѓу наставниците и учениците.

– Врската на доверба меѓу учениците и нивните наставници ќе биде нарушена ако наставниците се однесуваат како полицајци – изјавил Кјелдал.

Предложеното решение потсетува на правилата во Англија, каде што наставниците можат да употребат разумна физичка сила за да спречат нарушување на редот, но не и како форма на казнување.

Данската реформа, доколку биде усвоена, би означила значајна промена во правилата што со децении го ограничуваат физичкото интервенирање на наставниците во училиштата.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖