Нашиот врвен гитарист Влатко Стефановски, денеска заедно со продуцентот Томислав Кашљевиќ и музичката уредничка на Кроација рекордс Клаудија Чулар, ги најави двата последователни концерти кои треба да се случат на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија, по повод неговата импозантна 50-годишна музичка кариера и го претстави неговото тројно винил издание „London Sessions“ снимено во познатото музичко студио „Abbey Road“ во Лондон.
За богатата 50-годишна музичка кариера, Стефановски рече дека не сака да прави ретроспектива, додека пак, за неговото најново издание и снимањето во студиото „Аbbey Road“, каде имаат снимано безброј музички светски легенди, рече „се работи за нешто кое не му се случува на секој музичар“.
– Мене ми е малку патетично да зборам кај сѐ сум бил, што сѐ сум направил, меѓутоа, поминале 50 години и покрај бројните непријатни работи што сум ги доживеал на приватен план, се случуваат и некои работи со кои што можам да се пофалам. Бескрајно сум благодарен поради ова издание „London Sessions“. Се работи за нешто кое не му се случува на секој музичар и порано сум кажал дека некои работи можеш сам да ги испланираш, а некои работи мораат тебе да те испланираат. Можеме да мечтаеме различни работи, но не значи дека може да ги добиеме. Јас сум од дете задоен, благодарение на мојот брат Горан Стефановски, со музиката на Битлси и ги знам сите нивни албуми и песни. Да се дојде во тој храм на популарната музика е навистина остварување на детски сон – рече Стефановски.
Посочи дека албумот бил снимен во два дена, во сесии по 10 часа, при што биле снимени 23 песни.
– Имав можност во тоа студио заедно со моите соработници и луѓето од „Croatia Records“ да поминам два дена по 10 часа во студиото три и да снимиме 23 нумери. Тоа беше истоварување на еден материјал којшто го свирам или сум го создавал пред 20,30 или 40 години – рече Стефановски.
Додаде дека пред извесно време доживеал уште едно големо признание, односно жици за гитара „Thomastik-Infeld“ од Виена, со негов потпис, на кои, како што рече, првиот ендорсер им е гитарост Џорџ Бенсон, а вториот токму тој – Влатко Стефановски.
– Доживеав уште едно големо признание, жици „Thomastik-Infeld“ од Виена, со мој потпис, со мое име. Навистина ми е чест, затоа што првиот ендорсер им е гитаристот Џорџ Бенсон, вториот сум јас. На мои пријатели гитаристи им ги делам тие жици со големо задоволство – истакна Стефановски.
На концертите во Филхармонија, гостуваат Дамир Имери, Бајага, македонскиот кларинетист Горан Бојчевски којшто живее и работи во Словенија, триото „Струмица“ како придружни вокали, додека како дел од бендот ќе бидат Кукиќ и Јан Стефановски.