Огномет, факели и еуфорија, сè тоа за човек кој е осомничен за една од најголемите злоупотреби во државната Лотарија. Сликите од излегувањето на Артан Груби од домашен притвор повеќе личат на славје за јунак, отколку на постапка против осомничен за кривично дело.
Да потсетиме, поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, 14 месеци беше во бегство. Во декември 2024 година замина со дипломатско возило кон Косово, а потоа се упати кон Албанија, додека од САД беше ставен на листа на лица кои не се добредојдени во таа земја. Според наводите, станува збор за проневера од над 8 милиони евра. А по 14 месеци бегство, во февруари 2026 година, беше приведен на граничниот премин Блаце.
И тука започнува она што секој граѓанин со право го прашува: како човек кој бегал од правдата, во рок од неколку часа од приведувањето, добива домашен притвор? Судот го прифати предлогот и на обвинителството и на одбраната, со образложение дека доказите се обезбедени, дека самиот се предал и дека имало безбедносни ризици во притворската единица. Кога обвинителството и одбраната се согласни, а на обичниот граѓанин му се одбива и најмала поволност, јасно е дека законот не важи подеднакво за сите.
Најболно е тоа што истиот човек, кој избега низ граничен премин на кој, според наводите, „не работеле батериите на камерите“, сега се пречекува со факели и огномет. Државата, која не можела да го запре на границата, не може да му обезбеди ниту притвор, а на улица му приредуваат прием.
Каде е довербата во институциите? Каде се одговорните за бегството и за пропустите? Дали некој ќе одговара за тоа што едно осомничено лице за милионска штета може да избега, да се врати и да излезе од притвор, а на граѓаните да им се објаснува дека сè е „во согласност со законот“?
Правна држава не се мери со тоа колку често се изговара зборот „закон“, туку со тоа дали законот важи за моќните исто како и за обичните луѓе. Според сликите од улиците, одговорот е повеќе од јасен.
Tagged as:
АртанГруби ВладеењеНаПравото Корупција лотарија македонија ПравнаДржава правосудство Притвор СевернаМакедонија
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
