Родителите на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова на Партизанска, се појавија на денешната прес-конференција што ја одржа адвокатот Сашо Дукоски.
Тие негираат дека му дозволиле на својот син да управува со автомобилот.
Мајката Ана Јованова со треперлив глас изрази сочувство на семејството на загинатата Фросина, особено на нејзината мајка.
– Сакам да изразам најдлабоко, најискрено, најдлабоко мајчинско сочувство особено до мајката на Фросина. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Како што кажа сопругот, таа вечер се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Мислам дека само тој што има дете би требало за миг да може да се стави и во нашата кожа и да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да има сила да ја издржи оваа загуба и смирение да ја прифати. Како мајка стојам на располагање на другата мајка ако со било што можам на било каков начин да се најдам во овој претежок период. Немам доволно зборови да ја искажам болката и жалењето за се што се случува. Васил по игра на случајот, е наше единствено дете. Имавме друго кое почина на свои 23 часа живот – рече Ана Јованова, мајка на осомничениот Васил.
Таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов, кој е офицер во АРМ, рече дека синот го украл возилото што било на негово име.
– Колата е купена во 2016 година поради потреба, зашто сопругата работеше подалеку и ѝ требаше за да патува на работа. Правно беше на мое име, де факто сопругата го користеше. Васил до 18 години не дозволив ни со мене ни со чичко му да вежба да вози, верувајќи дека најдобро се учи со часови од почеток. А и не бараше. Кога завршил со часовите со инструкторката, кога помина низ тој процес, претпоставувам дека помислил дека знае да вози. И го има украдено автомобилот – рече Зоран Јованов.
Дукоски забележа дека многу невистини се споделуваат во јавноста кои доведуваат до повици на линч и крв, наместо да се решава случајот во институциите со владеење на закони. Сега, како што додава Дуковски, се прави обид за воспоставување на принцип „око за око“.
– Низа т.н. експерти се знаат за постапката, а таа не трае ниту една недела, вчера беа донесени првите наредби за вештачење, но јавноста беше индоктринирана со нерални и неточни изјави кои доведуваат до јавен гнев за линч на Васил Јованов. Ова не е обид за намалување на тоа што се случило, но потребна е судска постапка, а не со правдата на улицата и протестот – изјави адвокатот.
Адвокатот посочи дека осомничениот не бегал – тоа било невистина и се видело на видеото. Тој истакна дека се шпекулира во јавноста со брзини за 180 километри на час, а напротив, вчера била дадена наредбата за техничко вештање и од вчера почнува да се врши вештачење на возилото.
– Некој ќе се обиде со помош на психијатар да го прогласи за непресметлив – тоа не е реално, нема да се обидеме да ја намалиме неговата пресметливост и психофизичка способност од времето на вршењето на кривичното дело. Васил е пресметлив и психички здрав. Во однос на претходна сообраќајна незгода, се инсинуира дека таму имало корупција, па не било процесирано… За полесните незгоди се знае дека се бара согласност од другата страна да нема кривичен прогон, па така, после добиената согласност, на Васил му се наредува да уплати сума за да не се покрене кривична постапка – кажа Дуковски.
Адвокатот исто така кажа и дека пред да го стори делото, осомничениот Васил бил на отворање на кафуле на пријател, каде консумирал алкохол, но не и дрога.