Украина планира до средината на следната година да развие прототип на европскиот антибалистички систем со кодно име „Фреја“, со цел да одговори на итната потреба од оружје способно да пресретнува руски балистички ракети. Во исто време, Киев го засилува притисокот врз сојузниците да се приклучат на проектот, пишуваат британските медиуми.
Давид Алојан, заменик-секретар на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, кој раководи со проектот, изјави дека наскоро ќе се одржи првиот состанок на меѓународниот управен одбор, на кој ќе бидат проценети трошоците за истражување и развој.
Проектот официјално беше претставен на самитот во Париз пред две недели, на кој присуствуваа лидерите на десет европски земји, меѓу нив и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и претставници на десетина компании од одбранбената индустрија.
– Работиме според многу амбициозна временска рамка и наша цел е до средината на следната година да го имаме MVP, односно минимално одржливиот производ – изјави Алојан.
– Тоа ќе биде прототип кој веќе ќе може да даде први практични резултати – додаде тој.
Украина во голема мера зависи од американските системи „Патриот“, единствените во нејзиниот арсенал што сигурно можат да пресретнат руски балистички ракети. Но, испораките на овие системи се неизвесни поради политичката ситуација, ограничените залихи и долгиот производствен циклус.
Во текот на овој месец Русија ги засили нападите со балистички ракети врз Киев и пристанишниот град Одеса, лансирајќи десетици ракети. Украина не успеа да пресретне поголем дел од нив поради недостиг од противракетни системи.
Во рамки на проектот „Фреја“, Украина е подготвена да обезбеди лансирен систем и ракети-пресретнувачи. Претседателот Зеленски неодамна изјави дека проектот веќе влегува во фаза на тестирање и изрази надеж дека системот ќе стане оперативен во рок од една година.
Се очекува европските сојузници да придонесат со современи радари, сензори и експертиза во системите за наведување и контрола на ракетите. На проектот досега му се приклучија компаниите „Eurosam“, производителот на системот „SAMP/T“, како и „Leonardo“, „Thales“ и „Saab“.
Главен индустриски партнер ќе биде украинската компанија „Fire Point“, производител на ракети и беспилотни летала, која ја разви крстосувачката ракета „Фламинго“. Минатиот месец компанијата потпиша договор со германската „Hensoldt“ за испорака на радари за новиот систем.
„Фреја“ се развива како поевтина алтернатива на американскиот „Патриот“, од кој зависат голем број европски држави. Другите системи за воздушна одбрана, како француско-италијанскиот „SAMP/T“ и германскиот „IRIS-T“, сè уште не ја докажале својата ефикасност во пресретнување балистички ракети.
Tagged as:
Украина и европските партнери го развиваат „Фреја“
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
