Владата прави методологија за пресметка на цената за да се задржи истата цена на струјата, но се обидува македонските граѓани да имаат и поевтина струја – најави денеска при посетата на Штип претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
– За струјата, правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да се обидеме да ја поевтиниме – изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека и покрај сите предизвици, ќе има стабилно снабдување со струја.
- Можам да кажам дека состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима, ќе имаме снабдување со електрична енергија во согласност со потребите на граѓаните и бизнисот. Ние како Влада сме фокусирани на тоа, ги подготвуваме нашите производни капацитети. Грејната сезона ќе почне за еден ипол месец, еве максимум, во зависност од временските услови, некаде на почетокот на ноември, но ние ги подготвуваме енергетските капацитети, се подготвуваме за зимата и во таа насока ќе продолжиме и понатаму да се фокусираме – вели Мицкоски.
Тој додаде дека акумулациите се на ниво од речиси 50%.
– Цела Европа се соочува со низок водостој на реките. Ова лето се исклучуваа нуклеарни централи, термоцентрали, хидроцентрали. Ние тоа не го правевме, напротив. Работиме со план, чекор по чекор. Знам дека не е сè идеално, знам дека е тешко, но е многу подобро за разлика пред три години – рече Мицкоски.

