Државната награда „23 Октомври“ претставува мост меѓу македонското историско наследство и современите достигнувања во науката, културата и уметноста, истакна претседателот на Одборот за доделување на наградата и директор на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, на свеченото доделување на државното признание за 2026 година.
Годинашни добитници на наградата се актерот Ѓорѓи Јолевски, во областа на културата и уметноста, како и историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, во областа на науката.
Во обраќањето пред присутните, Панов нагласи дека 23 Октомври не е само датум запишан во историјата, туку и настан што активно ја обликувал македонската историска и национална траекторија.
– Постојат датуми што историјата ги бележи, но постојат и датуми што ја создаваат историјата. Датуми што стануваат симболи на слободата, достоинството и историската истрајност на народите и нациите. Дваесет и трети октомври е токму таков датум – истакна Панов.
Тој оцени дека слободата и државноста не припаѓаат само на минатото, туку се потврдуваат и денес преку работата на институциите, научните достигнувања, културното творештво и одговорноста на секој поединец.
Осврнувајќи се на значењето на државната награда „23 Октомври“, Панов посочи дека таа е израз на институционална почит кон исклучителните достигнувања во науката, културата, уметноста и другите области од особено значење за македонското општество.
Тројцата лауреати, иако доаѓаат од различни професионални сфери, ги поврзуваат долгогодишната посветеност, истражувачкиот дух и творечката работа, со кои оставиле значаен белег во македонското научно и културно наследство, истакна претседателот на Одборот.
За актерот Ѓорѓи Јолевски рече дека со својата богата актерска кариера придонел театарот и филмот да бидат простор за уметничко истражување, човечко себепрепознавање и духовна поврзаност со публиката.
За историчарот Стојко Стојков истакна дека неговото научно дело ја потврдува важноста на историографијата за самоспознавањето на општеството, особено во време кога македонската историја е предмет на оспорувања и различни толкувања.
Осврнувајќи се на работата на археологот Виктор Лилчиќ Адамс, Панов оцени дека неговите истражувања претставуваат значаен придонес во откривањето, проучувањето и заштитата на богатото културно-историско наследство на Македонија.
Панов им порача на лауреатите дека нивните професионални остварувања го надминуваат личниот успех и претставуваат траен придонес за македонската држава, нејзиниот идентитет, науката, културата и уметноста, но и инспирација за идните генерации.
Во име на годинашните добитници на државната награда „23 Октомври“ се обрати проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, кој истакна дека Македонија поседува историски и цивилизациски континуитет што, според него, ретко која држава во светот може да го потврди.
Тој нагласи дека зад создавањето, развојот и независноста на македонската држава стојат генерации луѓе кои ги вградиле своите животи во нејзините темели.
Осврнувајќи се на историскиот развој на македонската државност, Лилчиќ Адамс потсети дека низ вековите Македонија била бранета од многубројни генерации, а стремежот за слобода бил обновуван во различни историски периоди, меѓу кои и со формирањето на Тајната македонско-одринска револуционерна организација кон крајот на 19 век.
Според него, денес борбата за напредок се води со поинакви средства – преку културата, науката и создавањето нови вредности.
– Денес оружјето е заменето со културни и научни дела и резултати. Денес пред современата македонска држава и цивилизација, исполнета со безброј лузни и мемориски спомени на делата на милиони човечки души, вѕидани во темелите на државата Македонија, сепак се исправаат уште многу предизвици. Токму затоа, ние категорички тврдиме дека ако ни се даде зелено светло на умот, водени на развојот на културата и особено науката, Македонија и современите човечки заедници во неа имаат голема шанса да доживеат многу поголем развој во неизвесната иднина што претстои – истакна Лилчиќ Адамс.
Тој порача дека годинашните лауреати чувствуваат особена чест што нивната работа е препознаена со едно од највисоките државни признанија. Истовремено, нагласи дека наградата претставува и обврска за продолжување на творечката работа и научното истражување
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
