Тринаесетгодишно дете било физички нападнато од група малолетници во скопската населба Влае, а според неофицијалните информации, нападот бил толку брутален што детето останало со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби. Според сведоштва, во тепањето бил употребен и метален предмет.
Нападот се случил во саботата, на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот. Според информациите што се појавија за случајот, во групата имало околу 15 малолетници
Мајката на детето, 39-годишна жена, истиот ден во 15:30 часот го пријавила нападот во СВР Скопје. Од Министерството за внатрешни работи го потврдуваат физичкиот напад и употребата на тврд предмет, но во официјалниот одговор не го наведуваат точниот број на напаѓачите, ниту деталите за повредите.
„На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои од нив ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Според неофицијални информации од МВР, дел од децата осомничени за нападот веќе биле повикани во полициска станица. Засега нема дополнителни официјални детали за нивната улога во инцидентот, ниту за тоа како ќе продолжи постапката.

