Background

Три „ер трактори“, хеликоптери и 250 доброволци под една команда

Повеќе од 250 доброволни пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во државата се ставени на располагање на националниот систем за справување со летните пожари. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, порача дека годинава државата е најподготвена досега и најави подобра опрема, дневни надоместоци и нова организација на доброволните сили.

На пистата во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром денеска беше извршено постројување на повеќе од 250 доброволни пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија, кои ќе бидат дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување во борбата против летните пожари на отворен простор.

Според ДЗС, со постројувањето за првпат е утврдена реалната бројка на доброволци кои организирано ќе можат да бидат ангажирани при интервенции низ целата држава.

- Advertisement -
Ad image

– Да покажеме дека ве има! Да покажеме колку ве има! За првпат сите доброволни противпожарни друштва имаат можност да бидат обединети под една заедничка команда и организирано да се вклучат во националниот систем за гаснење на летните пожари – порача Ангелов.

Тој нагласи дека токму обединувањето е најголемата сила на доброволните пожарникари.

– Обединувањето ја прави силата. Денес тоа го покажавте. Пред мене стојат повеќе од 250 доброволни пожарникари. Од денес јавноста ќе знае дека сте сериозна и респектабилна сила – рече директорот на ДЗС.

Ангелов истакна дека во тимовите за брз одговор ќе бидат примани исклучиво членови на доброволните противпожарни друштва, бидејќи целта е развој и јакнење на доброволното пожарникарство.

Тој најави дека ДЗС веќе иницирала законски измени за подобрување на статусот на доброволните противпожарни друштва, како и измени во Законот за пожарникарство.

Воедно најави дека доброволните пожарникари ќе добиваат дневен надоместок за секој ден кога ќе бидат ангажирани од Дирекцијата.

– Вие помагате без да очекувате ништо за возврат, но јас чувствувам обврска како претставник на државата да обезбедиме праведен дневен надомест за секој ден кога ќе бидете ангажирани – истакна Ангелов.

Фото: ДЗС

Во обраќањето, Ангелов посебно ја потенцираше безбедноста на доброволците.

– Вашата безбедност секогаш мора да биде на прво место. Нашите животи смеат да бидат изложени на ризик само кога спасуваме други човечки животи. Изгорените шуми повторно ќе пораснат, куќите ќе се изградат, но изгубениот човечки живот никогаш не може да се врати. „Safety first!“ – порача тој.

Директорот на ДЗС оцени дека државата оваа сезона располага со најголем број ресурси досега за справување со пожарите.

Тој посочи дека Владата навремено прогласила кризна состојба, со што се овозможува целосно вклучување на Армијата и полицијата, а на располагање се три функционални „ер трактори“, два полициски и еден армиски хеликоптер, како и 42 специјални противпожарни теренски возила.

Според Ангелов, во функција се и околу 950 професионални пожарникари, повеќе од 100 навални возила, десетици шумски противпожарни возила, како и нова опрема, меѓу која 1.000 современи противпожарни ранци и 1.000 противпожарни метли.

– Иднината на гаснењето на летните пожари на отворен простор ја гледам во развојот на доброволното пожарникарство – порача Ангелов.

По официјалното постројување беше одржан и работен состанок на кој доброволните пожарникари разменија искуства и предлози за подобрување на системот за заштита и спасување во текот на летната сезона.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation