Трамп предупреди дека, доколку не биде постигнат договор, САД би можеле да преземат дополнителни чекори против Исламската Република.
– Имам голема одлука да донесам. Дали ќе има договор со Иран што ќе им овозможи да ја обноват и создадат земја многу поуспешна од кога било досега? Или ќе ја уништам Исламската Република и ќе го направам тоа брзо, без да ѝ дадам повеќе можност да убива и уништува луѓе и земји – изјави Трамп.

Тој додаде дека верува оти неговата администрација би можела да постигне договор со Техеран по среднорочните избори во САД на 3 ноември.
– Верувам дека ќе постигнеме договор веднаш по изборите бидејќи нема смисла Иран да не го прифати. Тие чекаат да видат како ќе се снајдам на среднорочните избори – рече американскиот претседател.
Американскиот претседател ги повика другите држави да им се придружат на САД во економската изолација на Иран, со цел да се изврши притисок врз Техеран да седне на преговарачка маса.
Подоцна, по состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп откри дека американски претставници во Њујорк одржале тричасовни разговори со иранска делегација.
– Состанокот траеше три часа, заврши пред еден час. Беше многу добар состанок. Знаете дека постојат две можности (за Иран) и ги слушнавте во мојот говор денеска. Едната е многу лоша, другата може да доведе до големи нешта за земјата – изјави Трамп.
Од американска страна на разговорите учествувале специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, додека од иранска страна бил присутен министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Разговорите биле посредувани од Катар, а меѓу главните теми било прашањето за Ормутскиот теснец и условите под кои би можело да дојде до негово повторно отворање.
Од Техеран претходно биле поставени услови поврзани со прекин на американските воени и економски мерки против Иран, како и со пошироко завршување на конфликтот. Ирански претставници истакнале дека присуството на нивната делегација во Њујорк било искористено за овие барања да ѝ бидат пренесени директно на американската страна.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, кој денеска имаше обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, порача дека неговата земја нема да се предаде во војната со САД, додавајќи дека Техеран верува во дипломатијата и е подготвен за дијалог, но без закани.
Пезешкијан, осврнувајќи се на говорот на Трамп, рече дека „тој мора да знае дека отпорот на иранскиот народ само ќе расте и покрај санкциите, зголемениот притисок и зголеменото малтретирање“.
– Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече Иранците терористи, но всушност ние бевме жртви на тероризмот. Господинот Трамп и оние кои се обидуваат да нè малтретираат мора да сфатат дека сме подготвени за дијалог, дипломатија и преговори – без прифаќање на јазикот на силата – нагласи иранскиот претседател.
Тој додаде дека на Иран му е наметната војна, но дека таа земја докажала оти не се плаши од борба и војна која има одбранбен карактер.
Тој наведе дека цел на нападите од САД и Израел биле училишта, спортски сали, универзитети, здравствени центри, болници, инфраструктура, но и научници, мажи, жени и деца, додавајќи дека Иран „се брани“.
– Америка и Израел нè нападнаа, опремени со најсовремена технологија и системи на вооружување, но нашиот народ остана непоколеблив. Да, ни нанесоа удари, но не клекнавме ниту ја наведнавме главата. Возвративме, но не гаѓавме цивилно население – истакна иранскиот претседател.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
