Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави засилени контроли и нови мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, откако статистиката за изминатиот месец покажала загрижувачки број жртви на македонските патишта.
Гостувајќи во емисијата „Топ Тема“ на Телма ТВ, Тошковски истакна дека од вкупно 12 лица кои загинале во сообраќајни несреќи во текот на минатиот месец, дури пет биле мотоциклисти.
– За тројца од загинатите сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор секогаш да носат кацига. Таа не се носи заради другиот, туку заради себе, бидејќи спасува живот – порача Тошковски.
Министерот нагласи дека полицијата ќе дејствува многу построго кон возачите кои ги прекршуваат правилата и ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
– Ќе бидеме максимално репресивни кон сите кои дивеат по улиците и патиштата. Безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет – рече Тошковски.
Тој посебно се осврна и на електричните тротинети, кои ги оцени како сериозен безбедносен проблем.
Според него, Министерството веќе анализира искуства од повеќе европски земји, а во подготовка се и законски измени кои би можеле да донесат построги правила за нивно користење.
– Мислам дека треба да одиме со порадикални решенија, особено во делот на забраните, воведување старосна граница и можеби регистрација на електричните тротинети. Тие претставуваат огромен предизвик за безбедноста во сообраќајот и очекувам конкретни решенија во најбрз можен рок – изјави Тошковски.
Министерот најави дека реформите во сообраќајната сфера ќе продолжат и во наредниот период, со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви на патиштата.
Tagged as:
Тошковски најави радикални мерки и казни за несовесните возачи
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
