Дел од нелегално внесените лекови што беа запленети во полициската акција против организирана криминална група биле наменети за продажба во Македонија, а дел за странски пазар, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Дел од нив бил за македонскиот пазар, дел од нив, согласно првичните информации коишто ги имам, бил за пазар на територија на нашиот сосед – рече Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската унија.
Според министерот, случајот е резултат на подолготрајна истрага и претходни оперативни постапки, во рамките на кои биле одземени мобилни телефони и биле извршени вештачења. Дополнително обезбедените докази, како што рече, довеле до преземање на новите полициски дејствија и разоткривање на криминалната група.
– Добро е што оваа постапка и акција координирано се презема во соработка со Јавното обвинителство, врз основа на претходни постапки коишто сме ги отпочнале и сме ги ефективно разработувале во рамките на телефоните коишто се одземени при првичната акција пред извесно време – изјави Тошковски.
Тој оцени дека со акцијата е спречено понатамошното незаконско дејствување на групата, која, според истрагата, во изминатиот период била вклучена во нелегално внесување различни видови стока во земјава.
– Добро е што е спречена една организирана криминална група којашто во изминатите години делувала на начин којшто делувала надвор од законите, внесувала на територија на државата различни типови на незаконска роба, да се изразам, и добро е што повеќе нема да може да го прави истото – рече министерот.
Тошковски очекува Јавното обвинителство и судот да ги преземат своите надлежности до крај и, како што рече, случајот да добие судска разрешница.
– Се надевам дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите оние нивни надлежности со цел на крајот да видиме правда во овој случај и да упатиме порака до сите оние коишто мислат дека се недопирливи – истакна Тошковски.
Акцијата во која беше откриена групата беше спроведена од полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Со наредби од Основниот кривичен суд во Скопје беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија.
При претресите беа пронајдени и одземени повеќе од 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи за кои полицијата наведува дека биле нелегално внесени во земјава, како и мобилни телефони и други предмети.
Во акцијата беа лишени од слобода шест лица, додека кривична пријава е поднесена против вкупно осум лица од Македонија и Турција.
Според МВР, првопријавениот М.С. во периодот од 2024 до 2026 година организирал нелегално внесување и складирање на цигари и тутун, како и нивна понатамошна препродажба. Истрагата опфаќа и сомнежи за давање и примање поткуп со цел стоката да поминува преку царинската линија без пријавување и плаќање на давачките.
Покрај акцизната стока, според полицијата, во земјава биле внесувани и лекови и суплементи наменети за продажба. За дел од производите МВР наведува дека биле пуштани во промет без соодветни одобренија, упатства и рецепти, што, според полицијата, создавало ризик по здравјето на луѓето.
Истрагата продолжува, а за натамошниот тек на постапката ќе одлучуваат надлежното обвинителство и судот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
