Американските сили пресретнаа и презедоа контрола врз товарен брод под иранско знаме во Оманскиот Залив, откако се обидел да ја пробие поморската блокада во близина на Ормуската Теснина, изјави претседателот Доналд Трамп, додека Техеран вети дека ќе одговори.
Иран „наскоро ќе одговори“, пренесе Прес ТБ, медиум близок до раководството на земјата, цитирајќи ја врховната заедничка воена команда на Иран, пренесе ДПА.
Трамп на својата платформа Tрут соушл вчера соопшти дека бродот, идентификуван како Tуска (Тouska), се обидел да ја заобиколи американската поморска блокада. Тој го опиша бродот како долг речиси 274 метри и со тежина споредлива со носач на авиони.
Според Трамп, екипажот ги игнорирал сигналите за предупредување, по што американскиот разурнувач Спрунс (USS Spruance) пукал во машинскиот оддел на бродот, со што го запрел. „Имаме целосен надзор над бродот и проверуваме што има во него“, напиша тој.
Централната команда на САД (Цент-ком) објави на „X“ дека бродот бил на пат кон иранскиот пристаништен град Бандар Абас во Ормуската Теснина. Американската војска издавала предупредувања повеќе од шест часа, но екипажот не ги почитувал, се вели во соопштението.
Американскиот носач потоа му наредил на екипажот да го евакуира машинскиот оддел пред да го онеспособи погонскиот систем на бродот со повеќе истрели, според Центком.
САД воведоа ограничувања за бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа. Според Центком, на 25 комерцијални бродови веќе им е наредено да се свртат или да се вратат во иранските пристаништа. Трамп додаде дека овој брод е на американската листа на санкции поради наводни илегални активности. Властите сега го истражуваат бродот и неговиот товар.
Инцидентот се случи неколку часа откако Трамп изјави дека американските преговарачи денеска ќе бидат во Исламабад на нови разговори со Иран, но иранските државни медиуми објавија дека Техеран се противи на одржување втора рунда преговори.
Откако првата рунда разговори минатата недела во Пакистан заврши неуспешно, Техеран го одбива вториот состанок бидејќи претераните барања на САД, постојаната промена на курсот на Вашингтон и продолжената поморска блокада на иранските пристаништа не нудат „никаква ветувачка перспектива за сериозни преговори“, пренесе државната новинска агенција ИРНА.
Агенцијата ги опиша извештаите за одржување на втора рунда разговори како медиумска кампања оркестрирана од САД со цел да се изврши уште поголем притисок врз Техеран преку меѓусебни обвинувања.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги обвини САД за кршење на договорот, осудувајќи го она што го опиша како „продолжени провокативни и илегални дејствија“ поврзани со поморската блокада против Иран.
Во телефонски разговор со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, Пезешкијан рече дека овие мерки претставуваат јасно кршење на прекинот на огнот. Тој додаде дека таквите акции, заедно со заканите од американскиот претседател, ја продлабочуваат недовербата и предупреди дека Иран цврсто ќе се брани од САД и Израел.
Трамп претходно вчера најави дека претставници на САД ќе бидат во Исламабад во понеделник навечер за понатамошни разговори, но нема официјална потврда од Техеран дали и иранските преговарачи ќе бидат таму. Извори од Белата куќа изјавија за ДПА дека американската делегација ќе ги вклучува потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ги водеше минатонеделните преговори, како и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
