Денес е празник посветен на Свети Климент, архиепископ Охридски и Светиот великомаченик Пантелејмон.
Свети Климент, архиепископ Охридски; Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.
Светиот великомаченик Пантелејмон; Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.