Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека службите интензивно трагаат по двајца снајперисти во Белград. Тој изјави дека се во градот веќе три дена и дека нивното присуство е потврдено со разузнавачки податоци, јави Телеграф.
– Моментално ловиме двајца снајперисти во Белград, за кои знаеме дека се во градот. И не можеме да ги пронајдеме веќе три дена. Се надевам дека ќе успееме. Ќе видиме кои се тие и какви цели имаат. Знаеме дека пристигнале, знаеме и од каде доаѓаат парите. Верувам дека надлежните служби ќе можат да го решат тоа – рече Вучиќ.
Меѓутоа, тој нагласи дека не сака да создава паника во јавноста и дека одлучиле да не ја информираат јавноста порано, за да не се создаде впечаток дека владата ги плаши граѓаните.
– Во претходните денови и недели имавме разни разузнавачки податоци кои не беа наивни. Не сакавме да зборуваме затоа што, што и да кажете, тие ќе кажат дека владата ги плаши луѓето – додаде тој.
Понатаму, Вучиќ ги поврза овие информации со неговата теза за неуспешна „обоена револуција“, велејќи дека дел од опозицијата и странските центри се обиделе да предизвикаат нестабилност.
Притоа се осврна и на инцидентот во Чачак, каде вооружен маж рани цивил, нарекувајќи го тој настан доказ за зголемено насилство.
– Го застрелаа Милан Богдановиќ, кој не беше ниту виновен ниту одговорен. Дојдовме до таа точка. Пораката е дека е дозволено да се застрела некого невин. Секој чин на насилство што го вршат, мора да го прикријат со лаги – нагласи тој.
Сепак, српскиот претседател заклучи дека нема да прифати сила или надворешно влијание врз власта.
– Не ми паѓа на памет да прифатам сила, насилство или надворешно влијание. Постои само еден начин. Нема друг начин. Тие не можат да победат на изборите и тие го знаат тоа – изјави Вучиќ.
							
								
			




                               















		
		
		
		
		






