Српскиот ас Никола Јокиќ, ѕвездата на Денвер Нагетс, одлучил дека никогаш повеќе нема да се расправа со судиите. По години исполнети со контроверзии и незадоволство од судиските одлуки, најдобриот кошаркар на НБА конечно решил да стави крај на тие моменти на нервоза и да ја задржи енергијата само за играта.
Јокиќ ја соопштил оваа одлука по убедливата победа на Денвер против Индијана (117:100), во која постигнал 32 поена и додал по 14 скокови и асистенции, јави ДНВР Нагетс.
– Завршив со тоа – изјави Јокиќ. – Ова ми е нова работа оваа сезона. Не сакам да се нервирам и да викам на судиите, ќе ја користам енергијата само за кошарката.
Иако важи за играч кој често трпи груба игра и физички контакти без соодветна судиска заштита, 30-годишниот центар сфатил дека поплаките се бесмислени.
– Ако судијата донел одлука, таа нема да се промени. Тоа никогаш не се случува. Затоа треба да се контролира само она што можеш – истакнал тој.
Меѓутоа, оваа промена не значи дека ја изгубил страста. Напротив, Сомборецот ја насочил кон својот тим и играта. По натпреварот со Индијана упатил пофалби за новиот соиграч, центарот Џонас Валанчиунас.
– Сите знаат колку е добар. Конзистентен е, нема осцилации, можеме да сметаме на него. Ја успорува играта кога треба, прави блокови и ја води втората петорка – нагласил Јокиќ.
Понатаму, капитенот на Денвер додал дека тимот напредува и во одбраната.
– Сè сме подобри во сите сегменти. Контролиравме добро во одбраната и ги спуштивме на сто поени. Има напредок – заклучил тој.




























