Драмата со хантавирусот на крузерот „MV Hondius“ продолжува. Три лица починаа, бројот на заразени расте, а патници од бродот веќе се следат во повеќе држави. Во исто време, научници од Универзитетот во Бат во Англија развиваат вакцина против опасниот вирус.
И покрај драматичните сцени, експертите предупредуваат дека ситуацијата не треба да се споредува со пандемијата на коронавирус.
– Ова не е Ковид. Ова навистина не е Ковид – изјави докторката Лусил Блумберг, специјалист за заразни болести од Јужна Африка.
Светската здравствена организација СЗО засега проценува дека ризикот за пошироката јавност останува низок.
Развојот на вакцината го потврди професорката Асел Сарбаева.
– Во моментов, не постои ефикасна вакцина против хантавирус, што ги остава големите популации во Југоисточна Азија, Африка и Јужна Америка ранливи на болести што ги пренесуваат глодари – изјави таа.
Тимот работи на нов антиген против групата хантавируси.
Експертите сега повторно се навраќаат на епидемијата од 2018 година во аргентинското село Епујен. Тогаш 36 лица се разболеа, а 11 починаа. Истражувачите утврдија дека станувало збор за истиот андески сој на хантавирус.
Микробиологот Густаво Паласиос, кој учествувал во истрагата, изјави дека во светот историски има многу малку случаи на пренос од човек на човек.
– Веројатно имаме помалку од 300 историски случаи на пренос од човек на човек – рече Паласиос.
Истражувачите откриле и нешто необично, вирусот најсилно се пренесувал токму кога заразените добивале треска. Во еден случај, човек заразил друго лице по само краток контакт додека поминувал покрај него на пат кон тоалет.

Хантавирусите најчесто се пренесуваат преку урина, измет или плунка од заразени глодари. Луѓето обично се заразуваат кога честичките ќе се рашират во воздухот, најчесто при чистење затворени простории или контакт со контаминирана прашина.
Во повеќето случаи вирусот не се пренесува меѓу луѓе.
Но сојот од Андите, за кој постои сомнења дека стои зад епидемијата на „MV Hondius“, е редок исклучок. Тој може да се пренесува и од човек на човек преку близок контакт.
Светската здравствена организација проценува дека смртноста кај овој сој може да достигне и до 40 проценти.
Пациентите развиваат треска, болки во мускулите, кашлица и замор. Кај потешките случаи следуваат проблеми со дишењето, воспаление на белите дробови и срцеви компликации.
Токму затоа дел од заразените пациенти завршуваат на интензивна нега.
Сè уште нема конечен одговор.
Се претпоставува дека првите заразени лица вирусот го добиле уште во Аргентина, каде што бродот тргнал на 1 април.Во Аргентина вирусот го пренесуваат долгоопашести глодари кои често живеат околу населени места и депонии.
Потоа, според експертите, можно е вирусот да се проширил меѓу патниците во затворените простории на бродот.
Епидемијата на „MV Hondius“ досега однесе три животи. Починаа холандска брачна двојка и германски државјанин.
Мажот од Холандија починал на островот Света Елена. Неговата сопруга подоцна починала на аеродромот во Јоханесбург во Јужна Африка, додека третата жртва, Германец, починал на бродот на 2 мај.
Швајцарија потврди дека нивен државјанин е заразен и хоспитализиран во Цирих.
Во Велика Британија двајца патници се во домашна изолација, а американските власти следат лица во Џорџија, Аризона, Тексас и Вирџинија.
Бродот моментално плови кон Канарските Острови.
Шпанските власти најавија строги мерки. Бродот нема директно да влезе во пристаниште, а патниците ќе бидат префрлени во изолирана зона пред да бидат однесени до аеродром.
Властите на Тенерифе бараат максимална претпазливост.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
