Доколку нуклеарните разговори не успеат и избувне конфликт со САД, Иран ќе ги нападне американските бази во регионот, изјави во среда министерот за одбрана Азиз Насирзаде, неколку дена пред планираната шеста рунда разговори меѓу двете страни за нуклеарната програма на Иран.
„Некои претставници од другата страна се закануваат со конфликт ако разговорите не дадат резултати.“ Доколку ни се наметне конфликт (…) сите американски бази се во наш дофат и ние смело ќе ги таргетираме во земјите домаќини“, рече Насирзаде на прес-конференција.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано му се закануваше на Иран со бомбардирање доколку не постигне нов нуклеарен договор.
Следната рунда преговори треба да се одржи оваа недела. Трамп ги најави разговорите за четврток, додека Техеран тврди дека тие ќе се одржат во недела во Оман.
Се чека ирански контрапредлог
Се очекува Иран да понуди контрапредлог на понудата на САД за постигнување договор што Техеран го отфрли.
Потоа Трамп реагираше велејќи дека Иран станува „сè поагресивен“ во преговорите.
Насирзаде потсети дека Техеран неодамна тестирал ракета со боева глава од два тона и дека нема да прифати никакви ограничувања.
Врховниот лидер на теократската Исламска Република, ајатолахот Али Хамнеи, во февруари изјави дека Иран ќе продолжи да ги развива своите воени капацитети, вклучително и развојот на своите ракети.