Мустафа Кемал Ататурк, основоположникот на модерна Турција, пред повеќе од еден век извесен период се криел во тиквешкото село Дабниште. Локален селанец го чувал во тајност, иако турските власти сурово го притискале населението да открие каде се наоѓа мистериозниот офицер.
Дури години подоцна, кога Мустафа станал претседател на Турција, се дознало кого всушност криеле тиквешките селани.
Ова е малку позната врска на Ататурк со Кавадарци, бидејќи неговото име најчесто се врзува со родното дебарско село Коџаџик и со Битола, каде го завршил средното воено училиште.
Човекот што подоцна ќе стане симбол на модерна Турција и нејзин прв претседател бил роден на денешен ден, 19 мај 1881 година, во Солун.
Неговиот татко Али Риза бил по потекло од дебарското село Коџаџик, каде и денес постои спомен-куќа на семејството.
Во Битола, пак, и денес се раскажуваат легенди за неговата голема љубов со Елени Каринте. Омилена песна на Ататурк била „Manastır Türküsü“, позната и како Битолска балада.
Како дошол до Кавадаречко? Во 1908 година, за време на Младотурската револуција, Мустафа Кемал бил под прогон од тогашните османлиски власти.
Во еден момент се нашол во кавадаречкиот регион.
Според локалните сведоштва, бегот од селото Бегниште побарал од селанецот Атанас Ајзовски од Дабниште да сокрие непознат човек.
– Овој човек ќе го скриеш кај тебе. Не смееш ништо да кажеш, кој го донел, од каде дошол и кога дошол. Ако слушнам дека нешто си кажал, ќе ти настрада целото семејство – му било кажано на Атанас.
Атанас прифатил, без да знае кого всушност крие.
Преку ден Атанас работел со стоката и лозјата. Навечер го придружувал мистериозниот гостин. Но, турските власти брзо дознале дека во Дабниште се крие важен офицер поврзан со Младотурците.
Почнале претреси и малтретирања. Селаните биле тепани и испрашувани.
И покрај заканите и бруталниот притисок, никој не открил каде се крие Мустафа.
Цело време Атанас Ајзовски немал поим дека го крие идниот лидер на Турција. Според раскажувањата, дури при разделбата Ататурк му открил на Атанас дека е дел од главните заговорници на Младотурската револуција и дека е противник на султанот.
Години подоцна, кога во 1924 година била создадена модерната Турска Република, а Мустафа Кемал станал претседател, следувал неочекуван пресврт.
Според кажувањето на Петре Камчевски, објавено во југословенскиот весник „Политика“, Ататурк јавно побарал да го пронајдат човекот што го криел во Тиквешијата.
– Ако е жив Атанас Ајзовски, нека се јави, сакам да се видам со него – наводно напишал Ататурк.
Но, Атанас веќе бил стар и немоќен за патување.
Во знак на благодарност, Ататурк испратил пакет со подароци за семејството Ајзовски. Меѓу нив се наоѓала и американска „Винчестерка“ произведена во 1897 година.
Пушката со години ја чувале семејството Ајзовски и ваташкиот илинденец Пане Поп Коцев.
Денес се наоѓа во музејот во Кавадарци.
Иако станал симбол на модерна Турција, Ататурк никогаш целосно не ја заборавил Македонија. Во Турција со децении се пеела „Manastır Türküsü“, песна посветена на Битола и неговите младешки денови таму.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
