Системот „Безбеден град”, познат како (Safe City) Сеjф сити, требаше да биде симбол на модерен, дигитализиран пристап кон сообраќајната безбедност во Северна Македонија. Наместо тоа, се покажува дека функционира речиси исклучиво спрема македонските граѓани и возила со македонски регистарски таблици, додека возачите со странски таблички минуваат неказнето, ден по ден, низ земјата.
Каде е парадоксот
Домашните возачи знаат дека секое пречекорување на брзина, секое поминато црвено светло и секој прекршок веднаш се снимени и следени од казна. Во меѓувреме, според расположливите информации, за санкционирање на возачите со странски регистарски таблички низ целата држава на терен се распоредени свега два полициски возила пресретнувачи. Ако тоа е точно, ситуацијата е буквално трагикомична, држава со стотици илјади возила со странски таблички на патиштата, а нула реален капацитет за да ги стигне.
Како функционира тоа во Европа
Во повеќето европски држави, странец што ќе стори прекршок се санкционира веднаш, или на првата наплатна рампа, или на граничниот премин при излез од земјата, каде граничната полиција има директен пристап до евиденцијата на прекршоците. Едноставен, автоматизиран систем, без потреба од дополнителна бирократија. Кај нас, наместо тоа решение, се чека софтверско поврзување и изградба на база на податоци, процес што трае со месеци, а во меѓувреме прекршоците остануваат ненаплатени.
Зошто токму сега е проблем
Според информации со кои располага редакцијата, низ Македонија секојдневно циркулираат возила со бугарски регистарски таблички, а бројката, наводно, надминува 300.000. На нив им се придружуваат и возила со таблички на Република Србија и Република Албанија, како и значителен број возила со регистрации на земји членки на Европската Унија, особено присутни во западниот дел на земјата. Дел од овие возила, според истите извори, со години се возат по македонските патишта, наместо да го почитуваат максимално дозволениот престој од шест месеци.
Што точно вели законот Тошковски?
Согласно правилата за привремен увоз на возила што ги применува Царинската управа на Република Северна Македонија, странско возило смее да престојува на територијата на државата најмногу до шест месеци, период во кој не се плаќаат увозни давачки, туку само патарина. Истовремено, лице со македонско, странско или двојно државјанство, кое има вообичаено место на живеење во Северна Македонија, не смее да управува возило со редовни странски регистарски таблички на кое не се платени увозните давачки, царина, данок на моторни возила и данок на додадена вредност. Со други зборови, законот веќе постои, јасен е, а прашањето е дали и колку реално се применува во пракса.
Ако Сејф сити почне да ги регистрира и странските возила
Клучното прашање е што ќе се случи доколку системот Сејф сити воопшто почне целосно да ги идентификува и обработува странските регистарски таблички. Секое возило што со години е на македонски патишта, а надминало шест месечен престој без регулирани царински и даночни обврски, по закон подлежи на одземање од страна на надлежните органи и Царинската управа. Тоа значи дека потенцијалниот број возила изложени на одземање не е занемарлив, туку може да достигне значителни размери.
Директно прашање до министерот Тошковски
Оттука, прашањето до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е директно, зошто систем што се рекламира како целосно дигитализиран и модерен, сè уште нема капацитет да ги опфати возилата со странски регистарски таблички на ист начин како и домашните. Дали навистина на располагање се само две возила пресретнувачи за целата територија на државата, кога станува збор за илјадници странски возила дневно. Кога конкретно ќе заживее автоматската размена на податоци со странските регистри, за да важи истото правило за секого, без разлика на таблицата на автомобилот. И, конечно, дали Министерството за внатрешни работи и Царинската управа планираат заедничка акција за проверка и, каде што е потребно, одземање на возилата со странски таблички кои со години неоправдано престојуваат во земјата.
Граѓаните заслужуваат јасен и брз одговор, бидејќи прашањето не е технички детаљ, туку прашање на еднаквост пред законот.
Фото:Сатирична ислустрација
С.Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
