СДСМ: Граѓаните од ден во ден живеат се полошо, животниот стандард континуирано се влошува, а последниот ребаланс на Буџетот ја потврди погрешната економска политикана ВМРО
Граѓаните од ден во ден живеат се полошо, животниот стандард континуирано се влошува, а последниот ребаланс на Буџетот ја потврди погрешната економска политикана ВМРО, нагласи потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во интервјуто во „Вести Плус“ на телевизија Канал 5.
Тренчевска посочи дека само во изминатите денови граѓаните се соочија со нови ценовни удари – поскапеа бензините и парното, а власта сè уште не донесе конкретни мерки за заштита на животниот стандард.
„Реалноста е дека граѓаните од ден во ден живеат сè полошо. Вчера имавме покачување на бензинот на 95 денари, на дизелот на 98,5 денари, покачување на парното за 6 проценти. Значи, постојано покачување, а никакви мерки нема за да се заштити животниот стандард на граѓаните“, изјави Тренчевска.
Таа укажа дека ребалансот на Буџетот е показател за насоката во која се движи државата. Како пример го посочи делот за Министерството за социјална политика и демографија.
„Ребалансот е огледало на тоа каде се движи државата. Со ребалансот имавме популистички изјави дека во Министерството за социјална политика и демографија се зголемува Буџетот за 2 милијарди, но ако направите анализа на ставките, ќе видите дека станува збор за лошо проектиран основен Буџет“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска предупреди дека исплатите за социјалните и детските права континуирано доцнат, а доцнат и исплатите за услугите за лицата со попреченост, и тоа со месеци.