СДСМ: Епидемијата во Гостивар се развиваше пред очите на институциите – тие знаеа, но реагираа доцна
Епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувна преку ноќ. Таа се развиваше со денови пред очите на надлежните институции.
Она што започна со поединечни случаи, брзо прерасна во стотици заболени дневно, со речиси 2.000 жители кои побараа лекарска помош поради симптоми поврзани со загадена вода за пиење.
Институциите уште во раната фаза имале информации и сомнежи за небезбедноста на водата и за невообичаеното зголемување на бројот на пациенти.
Надзорот утврдил дека во главниот цевковод е поставена пумпа на диво, без одобрение, која директно вбризгувала вода од река Вардар во водоводниот систем.
И покрај овие јасни предупредувачки сигнали, прогласувањето на епидемијата дојде дури откако амбулантите и болниците беа преполни, а бројот на заболени достигна речиси две илјади.
Ова не е само технички или административен пропуст. Ова е прашање на политичка одговорност. Институциите имаа должност да реагираат брзо и одлучно уште кога се појавија првите сигнали.
Наместо тоа, чекаа ситуацијата да ескалира.
СДСМ уште еднаш потсетува дека јавното здравје не смее да биде предмет на доцнење, изговори или политички калкулации.
Кога постојат јасни индикации за сериозен здравствен ризик, институциите мора веднаш да преземат мерки за заштита на граѓаните, без оглед на тоа дали епидемијата е формално прогласена или не.
Не можеме повеќе да слушаме празни изјави од типот: „Многу скоро ќе се излезе со информација“, „За неколку дена сè ќе биде познато“, „Дел од нив ќе ги дознаете наскоро“, а потоа да се преправаме дека сме „шокирани“ од тоа како е можно ова да се случило.
Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговори: зошто се чекаше толку долго и кој ќе сноси одговорност за тоа што предупредувачките сигнали не беа препознаени и пресретнати навреме.