Македонија треба да работи на експанзија на извозот, порачуваат дел од економските експерти, коментирајќи го економскиот раст на државата. Долг период растот се базира на финалната потрошувачка, а увозот во земјава традиционално е поголем од извозот на македонски стоки и услуги. Во вредноста на извозот пак, доминираат автомобилската и рударската индустрија. Додека автомобилската индустрија започна постојано да доживува потреси, особено во Германија која ни е најголем трговски партнер, енормен раст забележува рударството на глобално ниво.
Новата т.н. „геополитика на минерали“, високо ги крена цените на критичните минерали на светските берзи. Кај нас се активни само четири рудници за металични руди, а сериозна најавена инвестиција е рудникот за бакар во Иловица. Бакарот достигнува цени од над 13 илјади американски долари за еден тон, а според геолошките истражувања на локалитетот има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз од над 10 илјади тони бакар на годишно ниво.
Доколку се земе предвид дека во согласност со новиот поскап Тарифник за концесиски надоместоци, „4% од пазарната вредност на бакар по тон во секој тон произведен бакарен концентрат од страна на концесионерот“ завршува во државниот буџет, тогаш значително ќе се зголеми македонскиот извоз. Дури, според проекциите на инвеститорот, рудникот за бакар во Иловица има потенцијал да биде меѓу топ-3 извозни компании во државата, со просечен годишен извоз од над 200 милиони евра.
Инаку, како што пишува специјализираниот портал извоз.мк, во текот на април од Македонија биле извезени 335 илјади тони стоки во вредност од 784 милиони евра. Вредноста на извозот во април бележи раст од 16,3% во споредба со истиот месец лани, додека извезените количини се зголемени за 9,1%. Во истиот период, увозот изнесувал 1,16 милијарди евра, што претставува раст од 21,7% во однос на април минатата година. Покриеноста на увозот со извозот во април изнесувала 67,6%, што е намалување во споредба со 70,7% колку што изнесувала во април лани. Трговскиот дефицит достигнал 375 милиони евра и е зголемен за 34% во однос на истиот месец минатата година.
Експертите се согласни дека владите од изминатиов период користат „ист мотор“ за економскиот раст, односно потрошувачката, наместо да го стимулираат извозот.
– Ако ние базираме економски раст на потрошувачка, а сме земја со економија која е целосно увозно зависна, ние целосно се препуштаме на милост и немилост на трговците коишто ќе увезуваат и ќе ни продаваат суровини и крајни производи коишто ги конзумираме и како граѓани и како компании. Тоа е голем ризик за една економија. Ако било која влада сака да заузда некои процеси тука, треба на долг рок да ги гледа овие промени и да обезбеди посигурна економска иднина, со цел да произведува повеќе од тоа што е финална потрошувачка – оцени Виктор Митевски, директор на Здружение за истражувања и анализи, во неодамнешното издание на „Вин-вин“.
– Потребна е голема промена на мастер планот. Идејата, која одамна ја зборуваме, е дека мора да прифатиме, односно најисплатливо за Македонија е да го прифати моделот на раст базиран на експанзија на извозот. Не на личната потрошувачка, туку на експанзија на извозот – истакна универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Значењето на рударството за економијата беше потенцирано и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046.
Според експертите на МАНУ, македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес, имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност.
Tagged as:
Рударството и автомобилската индустрија предничат во битката со увозот
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
