Пругата од Велес до Битола ќе се реконструира, надгради и електрифицира со средства од европската програма ИПА 3, најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Делницата веќе е вклучена меѓу приоритетните проекти, а планот предвидува и набавка на 9 нови патнички возови и пет електрични локомотиви во следните две до три години.
Со електрификацијата на пругата ќе се отстрани сегашното ограничување поради кое возовите што продолжуваат од Велес кон Битола мора да користат дизел-локомотиви. Според Николоски, тоа ќе донесе поевтин и еколошки поповолен железнички превоз.
– Вчера имавме состанок за ИПА 2 и ИПА 3 со амбасадорот на ЕУ и неговиот тим и веќе целата делница од Велес до Битола влезе во ИПА 3, која треба да биде усвоена до крајот на годината од ЕУ и веќе од 1 јануари да биде оперативна – изјави Николоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Тој објасни дека по одобрувањето на програмата ќе следуваат тендерски постапки, избор на изведувач и реализација на градежните работи.
– Таму одиме со реконструкција, надградба и, многу важно, електрификација, затоа што сега до исклучувањето кај Велес пругата е електрична, а потоа мора да се користи дизел-локомотива. Така што, ако имаме електрична, ем ќе биде поевтино, ем еколошки е подобро – посочи министерот.
Паралелно со модернизацијата на железничката инфраструктура, Владата подготвува и обновување на возниот парк.
Според Николоски, веќе е постигнат договор со Европската банка за обнова и развој за набавка на најмалку пет електрични локомотиви.
– Се договоривме со Европската банка за обнова и развој за набавка на најмалку пет електрични локомотиви. Нагласувам, електрични, што е во насока на зелената агенда што ја спроведуваме – рече тој.
Во завршна фаза се и разговорите со Светската банка за набавка на пет до седум нови патнички гарнитури.
Дополнително, се очекува МЖ Транспорт во текот на следната година со сопствени средства да набави уште два воза.
– МЖ Транспорт е веќе во далеку подобра финансиска состојба. Очекувам два воза да набават сами во текот на следната година. Значи, ќе имаме девет нови воза во следните две до три години и пет нови локомотиви – изјави Николоски.
Најавените инвестиции треба да овозможат модернизација на железничкиот сообраќај кон југот на земјата, но конкретниот рок за завршување на реконструкцијата и електрификацијата на пругата Велес – Битола засега не е прецизиран.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
