Во рамки на манифестацијата „Најдобрите од спортот“, Општина Охрид ги додели наградите и признанијата за најуспешните спортисти во индивидуален и во клупски спорт за 2024 година. На пригодната свеченост која се одржа вечерва во Големата сала на Општина Охрид пред присутните се обрати градоначалникот, Кирил Пецаков.
–Спортот е многу повеќе од медали и трофеи. Спортот е борба со себеси и со своите потенцијали, вистинско училиште за животот, каде што се учат најважните лекции за дисциплина и истрајност.
Почитувани спортисти, тренери, спортски работници, ценети гости
Навистина ми претставува голема чест и задоволство што четврта година по ред сме собрани тука за да ги прославиме оние кои љубовта кон спортот ја претвораат во резултат, а желбите во победа. Горди на нивните големи успеси, вечерва ги славиме најдобрите спортисти на Охрид за 2024 година, кои се симбол на непоколебливиот дух и храброст. Од срце им честитам за големите успеси и верувам дека нивните имиња ќе остават неизбришливи траги во охридската спортска историја.
Драги спортисти, знам дека е неописливо чувството на спортскиот успех, кога срцето забрзано чука, а звукот на аплаузот ве носи на највисокиот врв од среќата. Но што и да постигнете секогаш вреднувајте ја поддршката што ја добивате од вашите тренери, клубови и најважно од се, од вашите семејства. Тие се секогаш тука за вас, за да ве охрабрат кон вистинскиот пат.
Како верна публика и ваши големи поддржувачи, Општина Охрид во континуитет продолжува да вложува во спортот, да ги поддржува младите таленти, да создава услови за уште поголеми достигнувања. Токму во таа насока и оваа година од општинскиот буџет издвоивме над 70 милиони денари, кои ќе бидат наменети за развој на спортот.
Почитувани,
Еден од најдобрите атлетичари на сите времиња Усеин Болт рекол „Нема граници. Колку повеќе сонувате, толку подалеку ќе стигнете.“ Нека оваа мисла биде инспирација за сите вас – и за оние што денеска ќе добијат награди, и за сите оние кои сонуваат, еден ден да бидат на нивно место.
Уште еднаш во мое лично име и во името на охриѓани, упатувам срдечни честитки до најдобрите, нека спортскиот дух ве води кон нови успеси и постигнувања. Продолжете да тренирате и да победувате! Да сме здрави и живи и да честитаме за уште поголеми спортски резултати во 2025 година, истакна Пецаков во своето обраќање.
За своите значајни успеси на бројни домашни и меѓународни натпревари во таеквон-до, за спортист на годината беше прогласен Давид Крстески од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид.
За Охридска спортска легенда -за посебни заслуги во спортот беше прогласена Соња Думбалоска Делова (професор,тренер,спортски работник).
За спортски подвиг на годината признание му беше доделено на Љупчо Танески – како прв Охриѓанец на возраст над 50 години кој учествувал и го завршил тешкиот IRONMAN 70.3 во Белград, Србија.
За Спортска екипа на годината беше прогласен Градски Ракометен Клуб„Охрид“.
За тренер на годината беше прогласена Александра Џамтоска (ракомет) од Градски Ракометен Клуб„Охрид“.
Признание за Јубилеј од 45 години му беше доделено на „Илинденски Пливачки Маратон“ – Клуб за спортови на вода „Охридски Бранови 2008“.
За Охридска спортска надеж во инивидуален спорт, во машка категорија, признание му беше доделено на атлетичатот Дамјан Митревски (карате) од Карате Клуб „Кун-Су-То“ – Охрид.
За Охридска спортска надеж во индивидуален спорт, во женска категорија беше прогласена Анастасија Смилевска (карате) од Карате Клуб„Кун-Су-То“ – Охрид.
За Спортист странец кој настапува во екипа од Охрид, признание му беше доделено на Рудолф Звонимир Шафранко (ракомет) од Градски Ракометен Клуб „Охрид“.
За најдобар спортист од Охрид кој настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид беше награден Мартин Ѓоргиевски (фудбал) од Фудбалски Клуб „Брера“ – Струмица.
За најдобра спортистка од Охрид која настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид, беше прогласена Теодора Колческа (пливање) од Пливачки Клуб „Младост“ – Скопје.
Признание за спортист со најдобар остварен резултат во водените спортови му беше доделено на Атанасиј Фанкоски (спортски риболов).