Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска се очекува да замине за САД каде што на 20 јануари во Вашингтон ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Мицкоски на 20 јануари, според владино соопштение, ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите Трамп медиа и Рампл.
Најавено е дека за време на престојот во Вашингтон, македонскиот премиер ќе се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и министер за трговија, Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација и со извршниот директор на Рамбл, Крис Павловски. Од Владата посочуваат дека можни се и повеќе други средби.
Посетата на САД и присуството на инаугурацијата на Трамп, премиерот Мицкоски првпат ја најави во новогодишното интервју за МИА. Тогаш кажа дека на 18 јануари заминува во посета на Соединетите Американски Држави, два дена пред инаугурација на новоизбраниот американски претседател Трамп.
– Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Очекувам да го привлечам вниманието за САД да гледаат кон Балканот со поинква оптика. Мора прво регионално да го привлечеме вниманието – Вашингтон да гледа кон нас како регион, а не како единка во тој регион. Да – важна единка, природна крстосница, срцето на Балканот, но, сепак, ако го гледаме Балканот како целина тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите кои ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот – рече Мицкоски во интервјуто.
Во коментар на новинарско прашање откако американскиот претседател Доналд Трамп го назначи Хауард Лутник за секретар за трговија во американската Влада, премиерот изјави дека очекува позитивни моменти од меѓудржавната соработка на земјава и САД, и оти Лутник ќе даде дополнителна вредност на американската, светската, а со тоа и на македонската економија.
-Да, се сеќавате кога господинот Хауард Лутник беше овде во Скопје во Владата. Разговараме за многу теми имаме лично пријателство. Очекувам секако само позитивни моменти од нашата идна меѓудржавна соработка како стратешки партнери. Јас сум убеден дека тој ќе донесе додадена вредност не само во американската економија туку и во светската, тоа ќе значи позитива и за македонската економија. Нормално честитав и очекувам само додадена вредност. Се сеќавате кога беа гости тука во Владата имаше и такви коишто тоа не баш позитивно го коментираа. Добро е што како Влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот а тоа американската економија, го имаме првиот човек кој ја води најмоќната економија во светот со повеќе од 28, 29 трилиони бруто-домашен производ и како што кажав убеден сум дека тоа може да донесе само позитивни вести за македонските претприемачи, но и за македонските граѓани, – изјави тогаш премиерот.
Претседателот на Владата, дополни дека и сега има голем број американски компании што веќе се присутни со свои инвестиции тука, коишто вработуваат македонски граѓани, произведуваат македонски производи кои се применуваат на американскиот пазар.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски неделава во гостување на Топ тема, изјави дека ќе биде во составот на делегацијата која ќе ја предводи премиерот Мицкоски на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон, чин, што го оцени како многу значаен за нашата држава.
– Дефинитивно доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности како и самата инаугурација. Да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат – рече Муцунски, во гостувањето во Топ Тема на Телма телевизија.
Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. Во овој дел смета дека со новата администрација, можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.
– Во делот на политичко – безбедносниот аспект кој ни е значаен, потребен ни е фокус и дополнителен стимул од САД за разбирање на предизвиците со кои се соочува регионот. Не потценувајќи дека и досега немало фокус, сметам дека сега релациите кои ги имаме како Влада заради поединците коишто се поставени на одредени високи позиции или кои очекуваме да бидат поставени на тие позиции во американскиот Стејт Департмент да се засили тој фокус кон нашиот регион. Ние тука имаме сериозна предност и да знаеме да ја искористиме. Ние како држава имаме историска позиција во администрацијата во доаѓање, но умешноста е да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и регион го заслужуваме. Имаме прашања кои се од сериозен економски, политички и безбедносен карактер – подвлече министерот Муцунски.
Министерот за транспорт Александар Николоски, минатата недела, во телевизиско интервју исто така подвлече дека тоа што премиерот Мицкоски доби покана да присуствува на инаугуирацијата на Трамп е огромна и ретка работа, и веројатно од регионот е единствениот што ќе присуствува на овој чин.
– Премиерот доби покана. Тоа е огромна и ретка работа, од регионот веројатно е единствениот што ќе присустува. Нешто што многу говори, покрај државата, и за него лично како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот. Тоа е огромна чест и за нешто што сум убеден дека премиерот ќе го искористи во најдобро светло да ја претстави Македонија и да ги презентира македонските национални интереси што на крајот на денот, ќе значи бенефит за сите нас – рече Николоски.
Ова ќе биде втора инаугурација на Доналд Трамп, кој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави. На инаугурацијата во Капитол се најавува присуство на бројни претседатели и премиери, но и први луѓе на светските организации. Првиот претседателски мандат на Трамп беше од 20 јануари 2017 до 20 јануари 2021 година.