Контроверзните инфлуенсери Ендру и Тристан Тејт вчера беа уапсени од федералните власти во Мајами, соопшти Американската маршалска служба. Тие се уапсени откако британските власти објавија дека поднесуваат нови обвиненија против нив, јави Би-Би-Си.
Портпаролот на службата Брејди Меккарон изјави дека судските документи и останатите материјали поврзани со случајот засега нема да бидат објавени во јавноста.
Кралската служба за обвинителство на Обединетото Кралство (ЦПС) соопшти дека Ендрју Тејт се товари со седум нови точки за силување, како и со други обвиненија поврзани со наводни кривични дела како што се трговија на луѓе поради сексуална експлоатација и детска порнографија.
Тристан Тејт е обвинет за едно дело сексуално напаство, две дела силување и три дела организирање или помагање во трговија на луѓе заради сексуална експлоатација. Наводните кривични дела се случиле во периодот од јули 2010 до август 2017 година.
Браќата Тејт претходно ги отфрлија сите обвинувања и негираа каква било неправилност.
– Овие одлуки за поднесување обвиненија следат по приемот на дополнителен досие со докази од полицијата во Бедфордшир и го зголемуваат вкупниот број на наводни жртви во случајот на седум – изјави Малколм МекХафи, шеф на Одделот за специјални кривични дела во Кралската служба за обвинителство.
Американските маршали потврдија за Би-Би-Си дека браќата Тејт се во притвор, додека портпаролот на Министерството за правда на САД изјави дека апсењето е извршено „во рамките на постапката за екстрадиција“.
ЦПС во своето соопштение наведе дека побарала екстрадиција на браќата од САД.
Адвокатот кој ги застапува браќата Џозеф МекБрајд по синоќешното апсење изјави дека „целиот свет знае дека Ендрју и Тристан се невини“.
– Нивните непријатели го знаат тоа најдобро од сите. Токму затоа се нападнати – продолжи МекБрајд, опишувајќи ги новите британски обвиненија како „политички удар“. Тој рече дека новите обвиненија се дизајнирани да одговорат на тужбата за клевета што браќата ја поднеле во САД.
– Ние сме сигурни дека штом компетентен судија ги види фактите, а Министерството за правда се соочи со ова грубо злоупотребување на сопствениот авторитет, Ендрју и Тристан Тејт ќе излезат на слобода. Америка не врши британска политичка валкана работа – додаде тој.
Во мај 2025 година, обвинителите потврдија список од 21 обвинение со кое на крајот ќе се соочат Ендрју Тејт (39) и Тристан Тејт (37) во Обединетото Кралство. Тие наводни кривични дела се случиле во периодот од 2012 до 2016 година. Во 2024 година, полицијата во Бедфордшир обезбеди европски налози за апсење за нивно враќање од Романија, каде што живеат и се под кривична истрага. Во јуни, браќата го изгубија судскиот обид да им бидат откриени имињата на нивните тужители од Обединетото Кралство, откако ЦПС одлучи дека е неопходно да ги задржи имињата на жртвите до формалното започнување на судската постапка.
Ендру и Тристан Тејт, кои имаат милиони следбеници на социјалните мрежи, се барани од британските правосудни органи под обвиненија за силување и за трговија со луѓе. Тие поседуваат британско и американско државјанство, а од 2016 година живеат во Романија. Властите во Букурешт ги уапсија во 2022 година под сомнение за организирање мрежа за трговија со жени со цел сексуална експлоатација, но тие ги отфрлија сите обвиненија. Апелацискиот суд во Букурешт во 2024 година го врати предметот на почеток поради правни и за процедурални неправилности.
На почетокот на јули годинава, романската Дирекција за истрага на организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ) официјално ја прошири истрагата против браќата Тејт. Покрај првичните обвиненија за трговија со луѓе и за силување, обвинителството додаде и перење пари, влијание врз сведоци, избегнување на спроведувањето на налозите за заплена, како и соучесништво во трговија со малолетно лице.
Поранешните професионални кикбоксери имаат огромно влијание на интернет-платформите, особено меѓу младите мажи, каде што редовно го промовираат својот луксузен начин на живот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
