Пожарот меѓу штипските села Долани и Љуботен зад себе остави меѓу 20 и 30 хектари изгорена вегетација и дел од борова шума. Утринава пожарникарите интервенираат на местата каде што сè уште има чад и активен оган.
Командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов, најави дека и денес ќе има дежурна екипа на терен.
– Пожарот во моментов е во дол, непристапен терен за пожарникарите. Околу 12 часот кога се зголемува температурата ќе видиме дали ќе има разгорување – вели Ренџов.
Според првичните проценки, огнот зафатил нискостеблеста вегетација и дел од борова шума. Пожарот засега е под контрола, но екипите остануваат на терен поради можноста за нови жаришта. Особено во потоплите часови од денот.
Во вчерашната акција учествувале 18 пожарникари, 14 доброволни пожарникари и жители од селото Долани. Помош пристигнала и од воздух. Во гаснењето бил ангажиран и еден ер-трактор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со градежна и со земјоделска механизација биле правени засеци околу загрозените подрачја. Целта била огнот да не се префрли кон селото. Така бил создаден заштитен појас пред пламените јазици.
Од Центарот за управување со кризи вчера информираа дека еден жител на селото се здобил со изгореници на нозете. Тој бил пренесен и хоспитализиран во Клиничката болница во Штип.
Ова е трет голем пожар во Штипскиот Регион во изминатите неколку дена.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
