Повисоки плати, субвенционирани оброци, бесплатен превоз за студенти…

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Образованието во 2025 година ќе се финансира со буџет од 38 милијарди денари што е најголем буџет досега.

– Владата и Министерството имаат намера да го забрзаат развојниот процес во вистинска насока. Предвидени се повеќе пари за капитални инвестиции со кои ќе се поддржи процесот на оптимизација на училишната мрежа, повисоки плати за наставниците во основните и во средните училишта, но и за вработените во високообразовните установи. Ќе се унапреди ученичкиот и студентскиот стандард, а средствата за наука речиси двојно се зголемуваат – рече денеска на прес конференција министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Годинашниот буџет е за 6 милијарди денари поголем од првичниот во 2024 година. Зголемени се блок дотациите за сите општини за 1,5 милијарди денари, затоа што е најавено покачување на платите на вработените во училиштата и тоа за 7% од март. Повисоки плати од месецов добиваат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14%, а ненаставниот за 8%.

Министерката истакна и дека ќе биде поддржан процесот на оптимизација на училишната мрежа, како и воведувањето на едносменска работа и продолжен престој за учениците, што ќе подразбира и вложувања во изградба, адаптација и опремување на просторни капацитети.

Парите за студентски стандард се зголемуваат од 1,4 милијарди денари на 1,8 милијарди денари. Освен зголемување на дел од правата како субвенционираниот оброк и обезбедување бесплатен јавен превоз, МОН се фокусира и на подобрување на катастрофалните услови во студентските домови.

– Два дома веќе се реконструираат и ќе се завршат до крајот на годината, а целиот процес со опфат на сите домови ќе заврши во текот на мандатот на Владата – рече министерката, потенцирајќи и дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за ученички стандард за 110 милиони денари, односно обезбедени се 621 милион денари.

За науката пак, буџетот е зголемен двојно повеќе, односно од сегашните 380 се зголемува на 680 милиони денари.

– Развојните политики на Министерството за образование и наука се креираат во соработка со бројни домашни партнерски организации и здруженија, но и со меѓународната заедница и меѓународни партнери, на кои сум им бескрајно благодарна и очекувам поддршката да се интензивира – нагласи Јаневска, изразувајќи благодарност и до претседателот на Владата, министерката за финансии и сите пратеници кои во интерес на граѓаните и поквалитетно образование, го поддржаа усвојувањето на новиот буџет.

Share This Article