Македонските граѓани и кога купуваат онлајн сакаат да плаќаат во готово. Само 43% од граѓаните ги користат платежните картички, а со мобилен телефон плаќаа 36% од нив. Појавата ја поттикнуваат и е-трговците кои ја имаат опција и за плаќање во кеш. Ова го покажува анализата што ја направи Асоцијацијата за е-трговија со наслов „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“.
Според ова анализа дури 47% од македонските онлајн купувачи се потпираат на плаќање во готово што се должи и на опцијата за користење готовина при достава на производи што ја имаат 72,5% од домашните е-трговци, која не се користи од странските е-трговци.
Слична е состојбата и во другите балкански земји. Во Косово во кеш се плаќаат 85% отсто од набавките на интернет, во Албанија 75% и Србија 71%.
За споредба, во земји како Австрија и Данска готовината речиси и да не се користи.
59% од Македонците имаат платежни картички, а 43% од нив ги користат. Уште полоша е состојбата во Албанија, каде што само 8% од популацијата ги користи платежните картички, како и во Косово (21%) и Босна и Херцеговина (23%). Во Србија состојбата е најдобра со 62% иматели на платежни картички и 47% нивно користење.
Анализата покажува и дека користењето на мобилните телефони за плаќање е на ниско ниво иако во балканските земји 95% од населението поседува мобилни телефони. Во Македонија само 36% од корисниците на финансиски услуги ги користат мобилните уреди за плаќања.
Според анкетата, спроведена за подготовка на анализата, 72,5% од е-трговците велат дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање за нивните клиенти, а 82,5% одговориле дека токму клиентите ја претпочитаат оваа опција.
Клучни причини за оваа доминација, според анкетираните е-трговци се: недовербата во онлајн продавниците, стравот дека нарачаните производи нема да бидат доставени, како и чувство на сигурност при плаќање со готовина. Дополнително, навиките и недоволните дигитални вештини за користење на картички играат значајна улога во популарноста на ќеш плаќањата.
62,5% од е-трговците сметаат дека плаќањето со картички е покорисно за нивниот бизнис, но 45% од нив активно го промовираат нивното користење.
Плаќањето со готовина од друга страна, создава големи неефикасности за е-трговците, како што се неуспешни испораки, зголемени оперативни трошоци и ризик од неформални економски практики.
Вториот најголем предизвик, со кој се соочуваат е-трговците кои учествуваа во анкетата, е нелојалната конкуренција предизвикана од сивата економија.
– Плаќањето со готовина ја олеснува оваа нелегална практика, додека преминот кон дигитални плаќања може да придонесе за намалување на овој предизвик, зголемувајќи ја транспарентноста и формалноста на економијата. За да се намали доминацијата на готовината, потребни се насочени активности за подобрување на дигиталната писменост, намалување на трансакциските трошоци и зголемување на довербата во онлајн плаќањата. Преку овие чекори, македонската и регионалната е-трговија може да станат поконкурентни, поттикнувајќи раст и економска стабилност – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска Станков.
Вредноста на трансакциите на места на продажба за е-трговија во 2024 година изнесуваат 522,5 милиони евра и преставува 9,1% од вкупните трансакции и преставува раст од 7,5% во однос на истиот период од 2023 година. При тоа овој пораст се должи во главно на растот на вредноста на трансакциите направени во странство од домашни иматели на платежни картички кој изнесува 39,7%. Вредноста на направените трансакции кон домашни е-трговци забележува пад од 6,7%.
Податоците на Народна банка за трите квартали од 2024 година покажуваат дека има значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Вкупните трансакции со картички во земјата и во странство издадени од домашните и странски даватели на платежните услуги, пораснале за 11,3% по број и за 13,6% по вредност.