По помалку од еден месец од смртта на неговиот син Петар, почина Наум Бурназ (86), доајенот на македонската песна, кој ѝ го посвети својот живот на музиката.
Бурназ долги години беше дел од ансамблот на македонската опера од каде што замина во пензија, а останува запаметен по својата изведба на охридските староградски песни, како и по неговите песни, помеѓу кои најпознати се „Бор садила мома Евгенија“, „1762 лето“ (Песна за патрикот) по текст на Григор Прличев, и многу други.
Неговиот глас со децении беше препознатлив симбол на традицијата и музичкото наследство. Со својот препознатлив вокал, исклучителна интерпретација и посветеност кон народната песна, тој успеа да ги освои срцата на повеќе генерации љубители на македонскиот фолклор, а бројните настапи низ земјата и во дијаспората го вброија меѓу најценетите амбасадори на македонската народна песна.
Веста за неговата смрт предизвика тага кај колегите, пријателите и почитувачите, кои преку социјалните мрежи се простуваат од големиот уметник, истакнувајќи дека неговите песни ќе останат траен спомен за неговото богато музичко наследство.
Од него се прости и неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која продолжи по неговите стапки, и откако дипломираше соло пеење во Скопје, ги продолжи своите уметнички усовршувања во Германија каде што се стекна со титулата магистер по отсек пеење.
– Дедичко мој најсакан… Денес нѐ напушти и ти, за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко. Вечно ќе живееш во нашите срца.
Ти беше мојот идол. Поради тебе ја избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни.
Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо.
Ќе продолжам да чекорам напред со музиката, а знам дека ти засекогаш ќе ме гледаш, ќе ме чуваш и ќе ме поддржуваш од небото.
Почивај во мир, дедичко мој. Љубовта кон тебе никогаш нема да згасне – напиша таа.
Со заминувањето на Наум Бурназ, Македонија загуби истакнат музички уметник, но неговото дело ќе продолжи да живее преку песните што ги остави зад себе и кои ќе останат дел од културното наследство за идните генерации.


