Background

Патриотизам е создавање можности за младите

Вистина е дека 35 години за животот на една држава не се многу, но тие се доволни за да разбереме дека државноста не се постигнува само со еден политички акт, со референдум или само со прогласување независност, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот во Собранието по повод 8 Септември, Денот на независноста.

Државата е нешто што се гради секој ден, додаде тој, таа се гради со институции, со закони, со одговорност, со економија, со образование, со правда, со остварени граѓани, со среќни семејства кои живеат во таа држава, со доверба во државата и, пред сè, државата се гради со луѓе кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата.

Гаши нагласи дека покрај одбележувањето на овој толку важен јубилеен настан,  имаме можност и заеднички да се осврнеме на сето она низ што помина Републиката во текот на овие години, но и да размислиме каква држава им оставаме на генерациите што доаѓаат по нас.

- Advertisement -
Ad image

– Кога доаѓа 8 Септември и ѝ се навраќаме на 1991 година, секогаш го имаме предвид фактот дека независноста дојде во исклучително тешко и деликатно време. Освен што беше време на распаѓање на Југославија, на политички и економски неизвесности, како и на големи промени во Европа, тоа беше и време кога пред оние што ја создаваа независна Македонија стоеше предизвикот дали оваа независност може да се оствари и, второ, дали сето тоа може да се постигне без војна. Затоа, без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин, нешто што не се случи со другите републики кои се одвоија од поранешна Југославија – изјави Гаши.

Поради тоа, нагласи Гаши, 8 Септември и референдумот од 1991 година се мирен роденден на една држава сонувана од многу генерации и круна на една повеќедецениска заложба.

– Додека славиме, не треба да заборавиме дека патот во изминатите 35 години не бил лесен. Имаше периоди на успех, но и периоди на кризи. Имаше моменти на стабилност, но и моменти на политички и економски потреси. Доживеавме уставни и институционални промени. Поминавме низ тежок економски транзициски процес и трансформација на општеството, додека многу наши граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот – изјави Гаши.

Сепак, посочи Гаши, ние, кои останавме овде, верувавме дека вреди да се обидуваме за ефикасни и доверливи институции.

Затоа, додаде, и оваа 35-годишнина треба да ја гледаме низ она што сме го изградиле, а не низ она што не ни успеало.

– Ова е оптимистичката визија за земјата и за сите наши граѓани. Во таа насока, секој кој ја сака оваа држава знае дека во темелот на државата лежи рамнотежата на еднаквоста и дека колку повеќе се зачувува оваа рамнотежа, толку е поуспешна и самата држава. Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. И тоа не е пречка на патот на градењето на државата. Тоа е реалноста на нашата држава, а наша одговорност е оваа реалност да ја претвориме во извор на успех – порача Гаши.

Следствено, по аналогија со легендарната реченица на претседателот Кенеди, предизвикот на нашата генерација, според Гаши е „сите да се запрашаме каква држава посакуваме да имаме во следните 35 години?“

– А државата на иднината треба да биде држава на функционални институции, каде што администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, каде што законот се применува еднакво без оглед на припадноста на странката, каде што корупцијата се гледа како порок и каде што сите ја гледаат заедничката европска перспектива. Всушност, ние можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос – порача Гаши.

И тука, според Гаши, Собранието има посебна одговорност, затоа што Собранието е местото каде што општеството се отсликува и се претставува преку своите институции.

– Ние знаеме дека во секое плуралистичко собрание парламентарната дебата е неопходна, несогласувањето е нормално и секако и критиката е потребна, но над секоја политичка разлика треба да постои една поголема одговорност – одговорноста кон државата и кон граѓаните. Можеби нема да се согласуваме за начинот на кој треба да постигнеме одредена цел, но мора да бидеме способни да се согласиме за тоа кои се основните државни цели – изјави Гаши.

Гаши, исто така, порача дека треба да создадеме услови младите да не го гледаат заминувањето од земјата како единствена можност за подобар живот, потоа да се промени и нашиот однос кон дијаспората, како и заштитата и афирмација на традиционалното семејство.

– Не можеме да изградиме силна држава ако секоја година губиме дел од младата генерација. Но, демографската политика не треба да се гледа само преку наталитетот. Таа треба да биде поврзана со квалитетот на животот, со вработувањето, со квалитетното образование и здравство, со правдата, но и со животната средина и можностите за домување. Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас – порача Гаши.

Според Гаши, треба да имаме храброст отворено да зборуваме за тоа како може да се унапреди и развива Републиката, каде сме успеале и каде можело да се направи подобро.

– Без оглед како ќе го именуваме тој процес, задачата на нашата генерација останува да ја одржува жива дебатата за тоа како можеме да ја направиме оваа држава пофункционална, како можеме да ја зајакнеме симетријата на државата во однос на општествената различност, како можеме да ја направиме нашата држава така што секој граѓанин ќе ја чувствува на ист начин и еднакво ќе се ангажира за нејзиниот успех – изјави Гаши.

Гаши, изрази уверување дека ова треба да биде суштината на 35-годишнината и во тој дух, „повика да ја градиме иднината со повеќе одговорност, со повеќе доверба и со повеќе работа“.

– Среќен 8 Септември и честита 35-та годишнина на Републиката – порача Гаши.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation