Љупчо Палевски Палчо, неправосилно осуден на доживотен затвор за убиството на Панче Жежовски (74) и на Вања Ѓорчевска (14) денеска во жалбената расправа пред Апелацискиот суд пред судечкиот совет рече дека првостепената пресуда содржи сериозни пропусти во оценувањето клучни докази, како и во логиката на настаните, пренесе МИА.
Според него, Кривичниот суд не дал анализа за дел од материјалните докази поврзани со подготовките за кривичното дело, меѓу кои и лепливата лента со ДНК од обвинетиот Велибор Манев, пронајдена на облеката на жртвата Вања, како и нејзиното фактичко потекло.
Палевски истакна дека Судот оправдано го ослободил таткото на Вања, Александар Ѓорчевски по одделни точки од обвинението поради недостиг на докази и комуникации, но неоправдано прифатил дека податоците за семејството Ѓорчевски биле добиени од жртвата Вања по грабнувањето. Според него, ова не е поткрепено со други докази и е во спротивност со исказите на повеќе сведоци.
Преку своите адвокати и осудените на доживотен затвор Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев побараа судењето да се повтори.
Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски истакна дека во првостепената пресуда, особено во точките еден и два од диспозитивот, се содржани сите правно релевантни факти, како и суштинска и сеопфатна анализа на доказите врз основа на кои Судот ја утврдил фактичката состојба.
Обвинителот рече дека одбраните во жалбената постапка во најголем дел се фокусираат на периферни и несуштински аспекти од настаните, кои не може да ја разнишаат основаноста на заклучоците донесени од првостепениот суд. Според Обвинителството, жалбите претставуваат дистракција и обид за пренасочување на вниманието од клучните докази.
Дополнително, беше даден осврт и на наводите во врска со лепливата лента што беше пронајдена кај убиеното дете. Иако одбраната се обиде да го релативизира овој наод, Обвинителството потсети дека во пресудата конкретно и прецизно е опишано тоа дејство и дека тоа е вреднувано во контекст на целокупниот доказен материјал.
Обвинителот нагласи дека целокупната хронологија и логиката на настаните покажуваат дека Вања Ѓорчевска била перципирана како опасност за обвинетите. Чувањето на жртвата во живот би наметнало дополнителни ризици, можност за откривање, пријавување во полиција и оставање траги, што, според Обвинителството, претставувало мотив за ликвидација.
Јавниот обвинител оцени дека признанијата дадени од осудените се доброволни, меѓусебно усогласени и поткрепени со материјални докази, при што е исклучена можноста за меѓусебна синхронизација или измислување на настаните. Патеката на движење, местата на извршување и дејствата на четворицата осудени, како што рече, прецизно се вклопуваат со она што самите го изнеле во своите искази.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за свирепо убиство на двете жртви, а за грабнување беа осудени само за Вања, но не и за Панче, оти според Кривичниот суд, Обвинителството не го докажа тоа дело. Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Според обвинението, обвинетите заедно испланираледа ја грабнат 14-годишната Вања од Скопје со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а на 3 декември беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Според признанијата на Велибор Манев и на Влатко Кешишев, жртвите ги убил Палевски, кој им пукал во главите со пиштол.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
