Јужна Кореја бара објаснување и извинување од Украина, обвинувајќи го Киев дека еднострано ја објавил информацијата за трансферот на двајца севернокорејски војници заробени во Украина, иако претходно било договорено прашањето да остане доверливо.
Канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг во неделата соопшти дека подоцнежното негирање од украинска страна дека постоел таков договор за доверливост е неточно и дека со тоа е нарушена довербата меѓу двете влади, пренесе Јонхап.
Во соопштението посебно се посочува на, како што го нарекоа во Сеул, „лажното“ негирање од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека постоел договор со кој информацијата за трансферот требало да остане тајна.
Јужнокорејската страна тврди дека токму украинската влада побарала трансферот на заробениците да биде доверлив.
Образложението, според Сеул, било дека Украина во спротивно би можела да се соочи со критики во земјата затоа што се откажала од можноста севернокорејските заробеници да ги размени за украински воени заробеници.
Високиот секретар на јужнокорејскиот претседател за односи со јавноста, Сонг Ги-хонг, изјавил дека Сеул се согласил трансферот да остане во тајност поради безбедноста на заробениците и нивните семејства, но и поради други дипломатски и безбедносни прашања.
Според него, Зеленски, и покрај постигнатиот договор меѓу двете страни, ја објавил информацијата за трансферот без претходно објаснување и консултации со јужнокорејската страна.
Јужнокорејскиот претседателски функционер изразил и „длабоко жалење“ поради, како што навел, поединци во Јужна Кореја кои го „политизирале чувствителното безбедносно прашање“ во корист на Украина.
Сонг оценил дека политизирањето на ова прашање е штетно за националниот интерес и повикал да престане ширењето на, како што ги нарекол, „неосновани невистини“.
Зеленски минатата недела, во обраќање пред Обединетите нации, соопшти дека Украина префрлила двајца севернокорејски војници во Јужна Кореја. Двајцата минатата година биле заробени во Украина.
По ова, претседателот на Јужна Кореја Ли Џе Мјунг и неговиот кабинет соопштија дека Украина го прекршила договорот за доверливост, чија цел, според нив, била трансферот да остане во тајност за да се заштитат заробените војници од опасности на кои би можеле да бидат изложени доколку нивниот трансфер биде јавно објавен.
Сеул притоа се повика и на меѓународното право и хуманитарните принципи.
Набргу потоа, украинските медиуми пренесоа изјава од извор од кабинетот на украинскиот претседател, кој негирал дека со Сеул постоел каков било договор за доверливост.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
