Македонската фудбалска репрезентација денеска во Скопје ги започна подготовките за квалификациските натпревари против Лихтенштајн и Велс за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Првиот собир на репрезентативците го означи селекторот Благоја Милевски, а првиот тренинг беше одржан на комплексот „Петар Милошевски“.
Атмосферата на почетокот од подготовките беше придушена поради трагедијата во Кочани, која силно ја погоди целата држава.
Од националниот тим изразија искрено сочувство и порачаа дека нивните мисли се со семејствата и блиските на трагично загинатите.
„Со огромна болка во срцата ја споделуваме тагата со семејствата на жртвите. Ќе ги паметиме засекогаш и нивниот дух ќе продолжи да живее во сите нас. Нека почиваат во мир“, стоеше во пораката од македонските репрезентативци.
Натпреварот со Лихтенштајн е закажан за 21 март на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, додека гостувањето кај Велс ќе се одигра на 24 март во Кардиф.