Фондот за здравствено осигурување денеска презентираше отчет за сработеното во изминатите две години, при што директорот Сашо Клековски порача дека институцијата денес е финансиски посилна, потранспарентна и поблиска до пациентите отколку што била претходно.
Според него, во овој период биле обезбедени рекордни вложувања во здравството, проширена Позитивната листа, зголемени платите на здравствените работници и подобрен пристапот до лекување.
Фондот соопшти дека во споредба со крајот на 2023 година, здравствениот систем добил дополнителни 8,6 милијарди денари, при што вкупниот буџет пораснал од 42,9 на 51,5 милијарди денари, односно за 20 проценти. Истовремено, учеството на здравствениот буџет во БДП се зголемило од 4,80 на 4,95 проценти.
Клековски истакна дека една од најзначајните мерки било најголемото зголемување на капитацијата за матичните лекари во поновата историја на Фондот.
– Во април 2025 година ја реализиравме најголемата корекција на капитацискиот бод. За општата медицина и гинекологијата тој порасна од 75 на 100 денари, а за стоматологијата од 61 на 75 денари. Само оваа мерка вреди околу 1,1 милијарда денари годишно, а вкупната капитација е зголемена за повеќе од 900 милиони денари, односно за 21 процент – рече Клековски.
Паралелно со тоа, матичните лекари добија нови превентивни задачи, меѓу кои рано откривање на рак на простата и дебело црево, скрининг на менталното здравје и проширени превентивни прегледи кај децата.
Директорот нагласи дека во изминатите две години трипати биле зголемени платите во јавното здравство – за 10 проценти во ноември 2024 година, за дополнителни 5 проценти во март 2025 година и уште 6 проценти во март 2026 година.
– Со тоа е постигнат кумулативен номинален раст на платите од 22,4 проценти, што значи и реален раст од околу 16 проценти над инфлацијата – истакна Клековски.
Фондот објави и дека средствата за јавните здравствени установи пораснале од 26,2 на 32,5 милијарди денари, додека буџетите на универзитетските клиники се зголемиле за речиси 33 проценти. Во 2025 година биле обезбедени рекордни условни буџети од 4,82 милијарди денари, од кои 4,4 милијарди се наменети за современи и иновативни лекови, 2,4 милијарди за онколошка терапија и 1,36 милијарди денари за лекување на детски болести.
Според Клековски, овие средства овозможуваат воведување нови терапии без дополнителен финансиски товар за пациентите.
Во извештајот се наведува дека продолжил и растот на болничките услуги. Во изминатиот период биле реализирани 194.230 болнички случаи, што претставува зголемување од 5,1 процент, додека бројот на кардиохируршки интервенции пораснал за 15 проценти.
Една од најголемите промени, според Фондот, е проширувањето на Позитивната листа по повеќе од десет години застој.
– Во последните 15 месеци воведовме 13 нови лекови, меѓу кои терапии за кардиоваскуларни заболувања, депресија, деменција и современи онколошки лекови, со дополнителен буџет од пет милиони евра – рече Клековски.
Тој додаде дека благодарение на генеричката конкуренција е намалена референтната цена на инхалациската терапија беклометазон/формотерол, со што се обезбедува годишна заштеда од околу 46 до 49 милиони денари, средства што ќе бидат пренаменети за финансирање нов современ лек.
Дополнително, два онколошки лека се префрлени на примарната Позитивна листа, со што, според Фондот, ќе се избегнат околу 11.000 непотребни патувања и специјалистички прегледи годишно само за препишување рецепти.
Во делот на лекувањето во странство, Фондот соопшти дека бројот на реализирани лекувања се зголемил за 19 проценти, бројот на одбиени барања е намален за 61 процент, а рокот за одлучување е скратен од 45 на 30 дена.
Истовремено, бројот на обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување е зголемен од три на шест, проширени се правата за медицинска рехабилитација, а дијализните третмани се зголемени за пет проценти со воведување две нови современи методи.
Клековски потенцираше дека Фондот денес е рангиран како најтранспарентна институција во државата.
– Фондот денес го оставаме финансиски посилен, институционално потранспарентен и многу поблизок до пациентите отколку што го затекнавме. Зад секоја бројка во овој извештај стои човечки живот, навремено лекување и поголема сигурност за граѓаните. Тоа е најголемата вредност на сè што заедно го направивме во изминатите две години. Овие резултати не се крајна цел, туку темел врз кој ќе продолжи понатамошното унапредување на здравствениот систем – со нови лекови, повеќе дигитални услуги и уште подобра здравствена заштита за секој пациент – изјави директорот на Фондот.
Tagged as:
НОВИ ЛЕКОВИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ПОГОЛЕМ БУЏЕТ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
