Нови детали испливаа за нападот во загрепското електротехничко училиште каде 15-годишник повредил ученик и чистачка што се обидела да го спречи во нападот.
Професорот Марио Божуриќ oд Електротехничкото училиште во Загреб помогнал да го совладаат напаѓачот, а потоа со рака му го запирал крварењето на другиот 15-годишен ученик кој бил избоден во нападот.
Божуриќ, професор на Електротехничкиот факултет во Загреб, пристигнал околу 7.55 часот. Пред зградата видел голем број ученици како трчаат надвор.
– Викаа „Бегај, бегај!“ Прашував што се случува, а тие ми рекоа дека некој има нож – раскажал Божуриќ.
Тој сепак втрчал во училиштето. Ја оставил чантата, а ходникот веќе бил речиси празен.
Двајцата повредени се стабилни и во моментот не се животно загрозени, соопштила министерката за здравство Ирена Хрстиќ. Повредниот 15-годишник и 59-годишната чистачка се оперирани, а можни се копмликации ја чистачката поради убодните рани.
Пред себе видел двајца луѓе на подот. Во првиот момент не знаел кој е напаѓачот, ниту каде е ножот.
– Прашав „Каде е тој нож?“ Лицето што беше горе се сврте и рече „Го фрли ножот“ – раскажал професорот.
Тогаш сфатил дека помлад колега од соседното училиште веќе го совладал напаѓачот. Божуриќ му помогнал на колегата да го држат напаѓачот на подот до доаѓањето на полицијата.
Го прашал момчето зошто го извршило нападот.
– Ми рече дека дошол да повреди некого, а и себеси – рекол Божуриќ.
Напаѓачот потоа му кажал дека веќе повредил ученик. Момчето било во тоалетот.
Божуриќ веднаш тргнал да го бара повредениот ученик. Зад една од вратите го пронашол 15-годишникот облеан во крв.
– Ја искористив раката за да се обидам да го сопрам крварењето и да одржувам контакт со него, да го држам буден додека не пристигна брзата помош – раскажал тој.
Под момчето забележал мобилен телефон. Од другата страна на линијата била неговата мајка.
Паниката во меѓувреме се ширела низ училиштето.
Мајка на друг ученик раскажала дека нејзиниот син го видел напаѓачот. Долниот дел од лицето му бил покриен, а во раката држел предмет што личел на нож или на мачета.
Учениците слушнале и наставници како му викаат да го остави ножот. Потоа се повлекле на вториот кат.
Набргу момчето ѝ се јавило на мајка си.
– Мамо, нешто навистина лошо се случи во училиште! – ѝ извикал.
Таа му рекла да остане на безбедно, да се држи подалеку и да ги слуша наставниците.
Нејзиниот син подоцна раскажал дека прво слушнал врескање. Кога се симнал да види што се случува, забележал човек со предмет што личел на нож.
Учениците потоа извесно време останале на вториот кат.
– Сите паничеа и бегаа. Некои дури зграпчија метла или нешто слично за да се одбранат. Сето тоа беше ужасно – раскажал ученикот.
Нападот повторно го отвори прашањето за безбедноста во загрепските училишта. Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, изјавил дека во тој момент најважно е закрепнувањето на повредениот ученик и на чистачката.
Училишниот синдикат „Препород“ беше поостар. Оцени дека, и покрај мерките преземени по трагедијата во основното училиште „Пречко“, училиштата сè уште не се целосно безбедни.
„Денешниот настан покажува дека, за жал, сè уште сме далеку од тоа да ги направиме нашите училишта навистина целосно безбедни“, соопшти синдикатот.
Професорот Божуриќ, пак, за хрватските медиуми прашува:
– Како можете да му кажете на некого дека училиштето е безбедно место сега?
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
