Додека спасувачките тимови на Малдивите извлекоа две тела од подводната пештера кај Алимата, истрагите сè повеќе се насочуваат кон можни пропусти во организацијата на експедицијата.
Според Еј-Би-Си Њуз, кој се повикува на италијанската агенција АНСА и на властите на Малдивите, паралелно се водат две истраги, меѓу кои и истрага за можно убиство од небрежност.
Локални експерти и властите во Италија тврдат дека групата нуркала подлабоко од дозволеното, можеби без соодветна техничка опрема, без безбедносни јажиња и дури без властите да знаат дека нуркачите ќе влегуваат во пештерите.
Локалниот нуркачки експерт Шафраз Наим за „Дејли Меил“ изјави дека трагедијата била „речиси неизбежна“.
– Безброј пати сум бил во тие пештери. Нема светло. Нурнале во таа трета пештера. Решиле да влезат – изјавил Шафраз Наим, поранешен воен нуркач во Националните одбранбени сили на Малдивите, за Дејли Меил.
Тој верува дека инструкторот Џанлука Бенедети намерно се одвоил од групата.
– Можно е да избегал пред да му снема воздух. Остатокот од групата починал во таа трета комора, а инструкторот Бенедети починал обидувајќи се да излезе.
Наим, поранешен воен нуркач на Малдивите, тврди дека безброј пати нуркал во истиот пештерски систем кај Алимата, но дека никогаш не влегол во третата комора.
– Пештерата не простува. Целосно е темна и на тие длабочини не можете само да испливате нагоре ако нешто тргне наопаку – изјавил Наим.
Според него, токму третата комора била клучна за трагедијата.
Таму, во целосен мрак, финскиот спасувачки тим ги пронашол телата на дел од групата.
Пештерскиот систем Тинвана Канду, познат и како Пештерата Ајкула, е составен од три комори поврзани со тесни подводни премини.
Во него живеат ајкули, раи и јастози.
Влезот во пештерата е на длабочина од околу 50 метри, што е далеку над законската граница за рекреативно нуркање на Малдивите.
Според властите, телата биле пронајдени на длабочина од околу 60 метри, а дел од нив и во највнатрешниот сегмент од пештерата.
Портпаролот на владата Ахмед Шаам изјави дека телата биле пронајдени „речиси заедно“.
Една од главните теории е дека групата изгубила ориентација во темнината.
Наим тврди дека нуркачите можеби немале соодветна техничка опрема, меѓу другото и резервни боци со воздух. Исто така, на нуркачите можеби им недостигале безбедносни јажиња познати како „Аријаднина нишка“.
Тој додава дека токму тие јажиња се клучни за ориентација во пештерите.
– Во пештерата не се пронајдени јажиња. Тоа покажува сериозни пропусти – изјавил Наим.
Според него, дел од групата користела рекреативна опрема, иако за ваква длабочина е потребна специјална техничка опрема.
Наим предупредува и на можноста нуркачите да доживеале азотна наркоза.
Тоа е опасна состојба што се јавува на големи длабочини и може да ја наруши проценката, да предизвика паника и да доведе до дезориентација.
– Кога ќе се случи тоа во целосен мрак, работите брзо излегуваат од контрола – вели тој.
Малдивските власти тврдат дека не знаеле оти групата ќе истражува подводна пештера.
Портпаролот на претседателската канцеларија Мохамед Хусеин Шариф изјави дека експедицијата имала дозвола, но дека во документацијата имало „сериозни празнини“.
– Не ја знаевме точната локација каде нуркаа – изјавил Шариф.
Тој открил и дека двајца од загинатите воопшто не биле наведени на официјалниот список на истражувачи доставен до властите.
Според АНСА, обвинителите во Рим веќе започнале истрага за можно убиство од небрежност.
Засега не е познато дали конкретни лица се осомничени.
Во фокусот на истрагата е дали биле почитувани безбедносните протоколи, но исто така дали нуркачите имале дозволи за таква длабочина.
Под знак прашалник е и дали организаторите ја сокриле вистинската рута на експедицијата.
Наим жестоко го обвини локалниот оператор „Албатрос Топ Боутс“.
Тој тврди дека компанијата одамна организира длабински нуркања спротивно на прописите.
– Сите знаат дека се прават такви нуркања, но никој ништо не презема – изјавил тој.
Од друга страна, адвокатката на операторот за „Кориере дела Сера“ изјавила дека компанијата не знаела оти групата планира нуркање под 30 метри.
Според неа, експедицијата требало да биде научно крстарење со земање примероци од корали на стандардни длабочини.
Во спасувачката операција се вклучени и тројца фински нуркачи, познати по учеството во драматичното спасување на децата од пештерата во Тајланд во 2018 година.
Тие успеале да стигнат до третата комора, каде локалните тимови претходно не можеле да навлезат.
Спасувањето било дополнително отежнато поради: силните морски струи, лошата видливост, тесните тунели и големата длабочина.
Несреќата се случи на 14 мај 2026 година во близина на островот Алимата, во атолот Вааву на Малдивите.
Групата од 5 искусни италијански нуркачи истражувала подводен пештерски систем на длабочина меѓу 50 и 60 метри.
Алармот бил кренат откако не се вратиле од нуркањето.
Операцијата за извлекување трае со денови и веќе однесе уште еден човечки живот, оној на спасувачот Мохамед Махуди, кој почина од декомпресиска болест за време на потрагата. Досега се извлечени две тела, додека телото на инструкторот беше пронајдено под вода, пред влезот на пештерата.
Во трагедијата загинаа професорката по екологија Моника Монтефалконе, нејзината ќерка Џорџија Сомакал, морскиот биолог Федерико Гуалтиери, истражувачката Муриел Оденино и инструкторот по нуркање Џанлука Бенедети.
Tagged as:
„НЕИЗБЕЖНА ТРАГЕДИЈА НЕМАЛЕ ЈАЖИЊА САМИ ВЛЕГЛЕ ВО ТРЕТАТА ПЕШТЕРА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
