Неидентификуван објект рано утринава паднал во близина на селото Тарнава-Колонија во источна Полска, предизвикувајќи силна експлозија, соопштија полските власти.
Местото се наоѓа во Лублинското Војводство, на околу 95 километри од украинската граница. По пријавите од жителите за силна детонација, армијата, полицијата и другите надлежни служби го обезбедиле теренот и започнале истрага.
Полските вооружени сили засега не соопштуваат за каков објект станува збор, ниту од каде потекнува.
Според неофицијални информации од украински извори, можно е да станува збор за руска крстосувачка ракета Х-101 (Kh-101), но оваа информација сè уште не е потврдена од полските власти.
Првичните информации укажуваат дека објектот влегол во полскиот воздушен простор од правец на Украина, летал на мала височина, а потоа се урнал во близина на селото. Полските медиуми објавија дека бил забележан на радар, по што кон него бил испратен борбен авион Ф-16, но објектот исчезнал од радарските екрани пред да биде идентификуван.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави дека зад земјата е „исклучително тешка ноќ“ за системите за противвоздушна одбрана и откривање закани, додавајќи дека властите „во моментов утврдуваат каков вид објект паднал во близина на селото Тарнава-Колонија“.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека „дошло до нарушување на полскиот воздушен простор“ за време на масовниот руски ракетен напад врз западна Украина.
Инцидентот се случил во текот на масовниот руски напад со ракети и беспилотни летала врз повеќе украински градови. Поради нападите, Полска во текот на ноќта ги подигнала своите борбени авиони и ги активирала системите за противвоздушна одбрана за заштита на воздушниот простор.
Според досегашните проценки, постои можност руска ракета, поради дефект, да ја променила траекторијата и да навлегла во полскиот воздушен простор. Сепак, надлежните нагласуваат дека причината за инцидентот ќе биде позната дури по завршувањето на истрагата.
Tagged as:
НЕИДЕНТИФИКУВАН ОБЈЕКТ ПАДНА И ЕКСПЛОДИРА ВО ПОЛСКА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
