Српската министерка за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, им се извини на претседателот Александар Вучиќ, на Владата на Србија и на премиерот Ѓуро Мацут поради бурата што ја предизвика нејзината изјава за Косово. Таа тврди дека зборовите „етничко чистење“ биле извадени од контекст и дека не станувало збор за официјален политички став.
– Ова е моја приказна, а не политичка изјава. Непријатно е да се објаснува дека тоа не е политика на претседателот или на Владата на Србија – изјави Пауновиќ за српската телевизија „Информер“.
Контроверзите почнаа по нејзино гостување на телевизијата „Курир“, каде таа рече дека, доколку била на местото на Слободан Милошевиќ во 1998 година, би спровела „етничко чистење“ на Косово. Подоцна тврдеше дека не мислела на физичко отстранување на населението, туку на заминување на оние кои не се чувствувале како граѓани на тогашна Југославија.
Според неа, злонамерно биле издвоени „само седум секунди од целото емитување“ и дека од тоа била конструирана политичка теза.
Денеска, во „Информер“, таа додаде дека најмногу била разочарана од изјавата на нејзиниот сопартиец Бранко Ружиќ, кој порача дека Пауновиќ нема право да зборува за деведесеттите години и за тогашната политика на СПС, бидејќи во тој период не била членка на партијата. Таа рече дека не е изненадена од реакциите на опозицијата и ги критикуваше медиумите кои, според неа, „од сè срце“ ги поддржале критиките кон неа.
Пауновиќ ја оцени како парадоксална одлуката на косовските власти да ја прогласат за непосакувано лице, наведувајќи дека одлуката за „постојана забрана“ за нејзин влез во Косово била донесена од „времените косовски институции“.
Изјавата предизвика остри реакции во Косово, по што косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла ја прогласи Пауновиќ за персона нон грата и ѝ изрече трајна забрана за влез во Косово.
– Како министер за внатрешни работи на Косово, донесов одлука со која Снежана Пауновиќ се прогласува за непожелна личност, со трајна забрана за влез или премин низ Република Косово – објави Свечла.
Тој оцени дека ваквата реторика претставува продолжение на политики кои во минатото довеле до насилство и протерувања.
Спорната изјава предизвика реакции и во Европската Унија. Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, порача дека во Европа нема место за реторика што оправдува или заговара етничко чистење.
Пауновиќ, пак, инсистира дека нејзините зборови биле погрешно протолкувани и дека од јавноста бил издвоен само мал дел од нејзиното излагање.
Косовскиот конфликт од 1998 и 1999 година заврши со интервенција на НАТО и со масовно раселување на косовските Албанци. За злосторства против човешноста и воени злосторства поврзани со тој период, Хашкиот трибунал осуди повеќе високи функционери од владата на Слободан Милошевиќ.
Милошевиќ почина во 2006 година во притвор во Хаг, додека му се судеше за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
