Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека вчерашниот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин бил „исклучително важен“. Тој остро ја критикуваше администрацијата на Џо Бајден за прекин на официјалните контакти, тврдејќи дека тоа го донело светот „на работ на апокалипсата“, објави Ројтерс.
Медведев тврди дека ниту една американска администрација пред Бајден не ја „блокирала комуникацијата меѓу лидерите“.
– Напротив, светските лидери отсекогаш наоѓале начин за дијалог и токму тоа овозможуваше да се надминат кризите – рече тој.
Тој, исто така, предупреди дека ако непријателите на Москва не сфатат дека Русија е невозможно да се победи, „нуклеарниот часовник на судниот ден ќе продолжи незапирливо да отчукува кон полноќ“.
Медведев додаде дека разговорот на Путин со Трамп покажува дека сите обиди на Западот да ја порази Русија се осудени на неуспех.
– Не постои и не може да постои главна држава или врховен владетел на планетата. Оваа лекција треба да ја научат арогантните американски елити. Невозможно е да нè фрлат на колена. Колку побрзо нашите противници го сфатат тоа, толку подобро – заклучи Медведев.