Властите во централната мексиканска држава Гванахуато соопштија дека пронашле 32 тела на имот во општината Ирапуато и дека речиси половина од нив се идентификувани.
Канцеларијата на државниот обвинител на Гванахуато вчера напиша на социјалната мрежа Икс дека телата се пронајдени во тајни гробници на имот во населбата Ла Калера, околу 320 километри северозападно од Мексико Сити.
Откритието се случи помалку од 2 месеци по масовното пукање на улична забава во Ирапуато, во кое загинаа 12 лица, соопшти агенцијата.
Во Гванахуато, картелот „Нова генерација Халиско“ и локалниот картел „Санта Роса де Лима“ се во конфликт во последните години, при што властите регистрирале повеќе од 1.500 убиства помеѓу јануари и јули.
Групите на организиран криминал во Мексико честопати ги закопуваат своите жртви во тајни гробови.
Сегашниот број на исчезнати лица, според мексиканската влада, е речиси 132.000.