Граѓаните денеска делумно им покажаа на трговците дека не се задоволни од цените. Поголемиот дел од нив целосно ги бојкотираа маркетите, а дел не се приклучија на бојкотот и можеа да се видат како пазарат. Но, сите очекуваат Владата да преземе одредени чекори да се регулира состојбата, а бизнисот да ги почитува законите.
– Да, бојкотирам, но дали тоа ќе има ефект со еден ден? Сигурно не, ама очекувам ова да има некакво поместување во реалната состојба. Ние како граѓани можеме олку, а Владата и институциите, па и бизнисите, треба да знаат дека има крај на дивеењето на цените. Очекувам реакција – вели граѓанка која ја анкетиравме.
Но има и со спротивно мислење
– Не, не бојкотирам бидејќи не верувам дека ќе има некаков ефект од ова. Мислам дека не можеме ништо да направиме. Знаете, кој може да издржи без храна. Може ден-два, а после, ако нема реакција од институциите ништо нема – вели друга граѓанка.
Според првичните проценки, продажбата во трговските објекти денеска паднала за околу 40%, но официјалните податоци најверојатно ќе се знаат наредните денови, бидејќи трговците денеска не сакаа да го коментираат бојкотот. На терен се и инспекторите кои проверуваат како се однесувале трговците во изминатите денови и како го спроведуваат законот за нефер трговски практики.
За разлика од трговците, бојкотот денеска го коментираше првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески кој рече дека поддржува сѐ што има реална основа, но дека смета дека ќе бара решение на проблемот преку дијалог помеѓу производителите и трговците кои се членки на Комората.
– Јас сум предвесник на бојкотот, бидејќи 2 години не сум влегол во маркет, врзан сум за количката, па жена ми ги врши набавките. Но, максимално сум информиран за состојбата и сметам дека дијалогот е излез на оваа ситуација. Овој проблем не е од сега туку од порано меѓу производителите и трговците и сметам дека тоа не треба да оди на сметка на граѓаните. Тоа треба да биде знак за сериозни разговори и донесување решение, а не да биде само регистрирање на проблемот. Имаме закон кој треба да го реши тоа и направи проблеми. Ќе бараме решение за тоа. Ќе поддржам сѐ што има реална основа, а има реална основа овде да се реагира и ќе барам да се најде решение на проблемот – рече Азески.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настан на Комората, рече дека Владата му дава шанса на дијалогот и ќе го користи дијалогот, но очекува фер однос на трговците кон граѓаните.
– Јас и вчера во Собрание кажав дека не е проблем само трговијата за храна. Но истовремено детектирав и други области кои влијаат негативно на стандардот на граѓаните. Има голем број други оператори кои се однесуваат нелогично. Нелогично е исти производи кај нас да имаат повисоки цени од оние во соседството. Исто така е и со лековите и со другите производи. Некој ќе рече дека во прашање се царинските стапки, но иако се знае дека се слични, реално е да кажам дека имам разбирање за граѓаните за бојкотот – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи и дека Владата прави сѐ за да му овозможи на бизнисот да работи подобро.
– Што можеме ние како Влада да направиме? Ние можеме да дефинираме приоритети. Го испорачуваме она што е разумно како регулаторна гилотина, реформи во земјоделството, поделивме субвенции, дадовме плати, го ослободивме бизнисот од рекети и слично. Тоа е она што можеме да го правиме и го правиме. Сѐ останато е двонасочна улица. Ќе треба и бизнисот и потрошувачите и Владата сите заедно да дојдеме до најдобри решенија. Мислам дека ние како Влада направивме потези за да се направат услови за работење на бизнисот, но за дел од тоа ќе треба и време – рече Мицкоски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска ги повика трговците да ги почитуваат законите и да не ги злоупотребуваат состојбите кога институциите не можат да ги направат контролите, но порача дека ќе има контроли и драконски казни за оние кои злоупотребуваат.
Деновиве ќе има и резултати од контролите кои ги прават инспекторите.