Извршниот директор на Тик-ток, Шоу Зи Чу, му забалагодари на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за коментарите во врска со одлуката на Врховниот суд на САД. Судот во петокот пресуди дека платформата која ја користат 170 милиони луѓе во САД ќе биде забранета.
– Во име на сите во Тик-ток и на сите наши корисници ширум земјата, сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговата посветеност да работи со нас за да најдеме решение што ќе му овозможи на Тик-ток да остане достапен во Соединетите Држави. Ова е силен став за Првиот амандман и против произволната цензура – рече Чу во видеото што го објави на Тик-ток.
Дали Трамп ќе ја тргне забраната за социјалната мрежа која му донесе огромна популарност кај младите на изборите минатиот ноември? Трамп нагло ја смени реториката за Тик-ток во последните месеци, а на својата социјална мрежа „Вистина“ рече дека е во разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг за изнаоѓање решение за спас на оваа платформа.
Одлуката на Врховниот суд за забрана дојде по претходна одлука на администрацијата во заминување на претседателот Џо Бајден кој му ја препушти конечната одлука на Трамп. Една од шпекулациите беше дека решението лежи во тоа Илон Маск да ја купи платформата, што беше отфрлено од Тик-Ток како неточна гласина.
Компанијата на Икс објави дека речиси сигурно ќе престане со работа во САД почнувајќи од утре по одлуката на американскиот Врховен суд во врска со законот што го донесе Конгресот во врска со функционирањето на оваа популарна апликација.
„ТикТок, за жал, ќе биде принуден да ја прекине работата во САД на 19-ти јануари, освен ако администрацијата на Џо Бајден не се погрижи да не се спроведе законот со кој се забранува платформата во САД ако неговиот кинески сопственик не се согласи да ја продаде“, се вели во соопштението на ТикТок објавено на социјалната мрежа „Икс“.
Но, очигледно Тик-ток смета на поддршката на новозибраниот американски лидер за да ја зачува законитоста на платформата во сопственост на кинеската компанија.
– Благодарни сме и задоволни што ја имаме поддршката од претседател кој навистина ја разбира нашата платформа, кој го користел Тик-ток за да ги изрази своите мисли и ставови, поврзувајќи се со светот и генерирал повеќе од 60 милијарди прегледи на неговата содржина во процесот. Бидете уверени, ќе сториме сè што е во наша моќ за да го обезбедиме успехот на нашата платформа. Повеќе информации наскоро – додава извршниот директор Чу.