Поврзувањето е единствената равенка за поголем економски раст – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, кој годинава се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.
– Ние треба да го изградиме темелот, го немаме и тоа е суштината. Кога ќе го поставите прашањето која е предноста на државата – единствената компаративна предност што ние ја имаме со конкуренцијата во регионот и во Европа е тоа што сме место на поврзување на два важни европски коридори – Коридорот 10 и Коридорот 8, односно како да се поврзат северна со јужна Европа, односно централна Европа со Медитеранот преку Егејското Море, и Јадранското и Јонското со Црното Море преку Коридорот 8. Сè друго, ако го мериме како компаративна предност, можете да го најдете кај која било конкуренција во регионот или во Европа. Ако тоа го направиме, тогаш можеме да развиваме сè. Тоа не сме го направиле – рече Мицкоски.
Презентирајќи ги активностите за изградба на автопатиштата, железницата, енергетското и гасното поврзување, истакна дека завршувањето на овие проекти ќе биде прв приоритет на Владата.
-Нашата цел, е најголемиот дел од овие делници да ги завршиме во рамките на мандатот на Владата – рече Мицкоски.
Мицкоски оцени дека првите два месеци од годината во економијата почнаа добро, но оти потоа избувна конфликтот на Блискиот Исток, кој влијае врз политиката и економијата.
-За разлика од другите држави влеговме во решавање на проблемот и прилично успешно се справуваме со состојбите и покрај тоа што имавме исклучително големи фискални откажувања, кои на прв поглед може да се очекува да влијаат на буџетот, но принципот економија на обем, кој го применивме, покажува дека до овој момент не само што не ги почувствуваме туку и ги надминаа нашите очекувања во услови на криза. Тоа значи зголемена потрошувачка на бензините и дизелот, што влијае со прилив во буџетот, и имаме најниски цени на горивата во регионот – рече Мицкоски.
Тој истакна дека има зголемување кај БДП во изминатите две години посочувајќи дека тоа не е доволно, но оти треба да имаме големи цели, а истовремено и да се споредуваме со реалноста.
– Имаме шест квартали по ред со над 3,5% реален раст. Годинава, според Меѓународниот монетарен фонд, ќе дојдеме до номинален БДП од 22 милијарди долари и ако се направи разлика помеѓу тоа што ќе го завршиме годинава и тоа што го почнавме во 2025 година, трипати повеќе е зголемен номиналниот БДП за две години отколку во периодот 2018 – 2023. Тоа не е доволно и треба побргу, но во услови кога нашиот најголем трговски партнер има 2,5 пати помал раст на БДП и потрошувачка, логично е тоа да влијае и кај нас. Мораме да споредуваме споредливи работи. Треба да имаме големи цели, но истовремено и да се споредуваме со реалноста – рече Мицкоски.
Во однос на иднината на странските инвестиции, оцени дека со постојните и со најавените го исцрпуваме човечкиот капацитет и поради тоа, посочи, треба да се насочуваме кон други инвестиции, регионални проекти, што ќе нè обединуваат преку вештачката интелигенција.
Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевска, на отворањето на самитот посочи дека од 2025 година нашиот економски раст е највисок од земјите во регионот, како и дека неодамнешниот извештај на Светската банка покажа оти Македонија е единствена земја во регионот во која во 2025 година има раст на отпорноста и конкурентноста.
– Македонија е единствена земја во регионот со нагорно приспособување на квалитетот на странските директни инвестиции, односно премин кон повисоки технологии. Македонија е единствена земја во регионот со фискална консолидација во 2025 година. Македонија е помалку погодена од политиката на ЕУ за таканаречената јаглеродна такса од земјите во окружувањето затоа што користи понапредни, односно компаниите користат понапредни технологии. Инвестициската активност како процент и учество од бруто-домашниот производ во Македонија е највисока во регионот заедно со Босна. Македонија постојано напредува во дигиталната индустрија – рече Мојсоска-Блажевски.
Сепак, потенцира, пред нас има многу предизвици и како да стигнеме до посакуваната стапка на економски раст од најмалку 5%. Прашањето, рече таа, не е дали Македонија има потенцијал, туку како тој потенцијал да го претвориме во резултати, и тоа континуирани.
– Тоа бара повеќе од добри намери и желби. Бара фокус, дисциплина, институционален континуитет, лидерство, партнерство, тежок отпор – порача извршната директорка на „Македонија 2025“.
Таа го истакна значењето на Националната развојна стратегија 2024 – 2044 година, реформската агенда 2024 – 2027 – стратешки развојни документи за кои постои национално обединување и континуитет од претходната кон новата Влада во реализацијата.
Мојсоска-Блажевски посочи дека Владата има огромна одговорност, но оти не е единствениот носител на промени.
– Растот е задача на институциите, но и на компаниите, на образованието, но и на семејствата, на политичарите, но и на граѓаните, на дијаспората, но и на секој што живее во Македонија и на секој што е во оваа сала денес. Ако сакаме Македонија да оди напред, секој од нас мора да ја направи својата работа подобро. Институциите мора да бидат поефикасни, компаниите да бидат похрабри и поконкурентни, работниците да имаат пристап до нови вештини, меѓутоа и волја да се усовршуваат, универзитетите да создаваат знаење релевантно за иднината, граѓаните да бараат отчетност, меѓутоа исто така да не живеат по правила по кои очекуваме другите да живеат, а ние да ги прекршуваме – порача Мојсоска-Блажевска.
Tagged as:
ЖЕЛЕЗНИЦИТЕ И ГАСНОТО ПОВРЗУВАЊЕ ПРВ ПРИОРИТЕТ НА ВЛАДАТА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИШТАТА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
