Летечкиот Македонец, Игор Стефановски Иџе изминатиов викенд во новиот ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), ја возеше втората трка во Австрија. Легендарната патеката Рехберт важи за една од најценетите и најстари патеки во Европа. Иџе во првото возење беше четврти, во втората трка направи второ најдобро време на патеката, а овој резултат му обезбеди трето место во генералниот пласман.
– Трето место во генерален пласман од сите натпреварувачи на легендарната патека Рехбер во Австрија, во конкуренција со над 250 натпреварувачи од цела Европа. Ова е силен успех. Успеавме да се искачиме на подиум во исклучително моќна конкуренција. Благодарен сум на целиот тим и особено на тимот на Ферари, кои со своите нагодувања го направија мојот автомобил перфектен за оваа трка. Тешко е навистина да се натпреварувате против возачи чии возила имаат повеќе од 1.000 кс и погон на сите 4 тркала. Секако, искуството кое го стекнав низ годините во кои се натпреварувам, ми овозможи да им парирам на овие „тркачки ѓавол и секогаш да се борам за висок пласман. Благодарност до моите спонзори и Министерството за спорт за несебичната поддршка на патот кон големите успеси, како за мене, така и во претставувањето на нашата земја – изјави Стефановски.
Стефановски и годинава се трка со автомобилскиот ѕвер од Ферари 488 B8, специјално дизајниран за овие патеки. Стефановски е победник во Европскиот шампионат на ридски патеки, во група 1. ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки, годинава има 11 трки, од кои две се завршени.
– Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија му го честита успехот и на оваа неверојатна трка. И во следните 9 трки од ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), ќе бидеме дел од неговиот тим. Ние сме горди што повеќе од една деценија заедно навиваме за Иџе и Македонија – велат од Видеолотарија.