Активни забрани за тешки товарни возила попладнево има на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, како и на планинските премини Плетвар, Пресека и Ѓавато. Покрај забраната за движење на автобуси и товарни моторни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка, за останатите видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема, информираше попладнево Авто-мото сојузот.
Укинати се забраните за тешки товарни возила на патните правци Делчево – граничен премин „Делчево“ и Струга – граничен премин „Ќафасан“.
„Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенцијата на дежурните екипи на Јавното претпријатие „Македонијапат“. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ целата држава“, се наведува во соопштението на АМСМ.
Ноќва се очекува да има повремени врнежи од снег, што ќе престануваат во доцните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а можна е и појава на голомразица и снежни наноси.