Филмот „Џокер: Лудило за двајца“ (Joker: Folie a Deux) на режисерот Тод Филипс, води во овогодинашните номинации за „Златна малина“, наградите за најлоши филмови и изведби на годината, со вкупно седум номинации.
Овие награди, коишто секоја година се објавуваат ден пред Оскарите, се доделуваат за најлош филм, глума, сценарио, режија итн. За првиот филм „Џокер“, Хоакин Феникс освои Оскар за неговата главна, додека за „Џокер 2“, oвојпат, тој е номиниран за најлош глумец.
Неговата партнерка во вториот дел, Лејди Гага е номинирана за најлоша глумица.
Сепак, и покрај критиките досега, филмот заработи 200 милиони долари.
На листата на номинации за „Златна малина“ е и „Мегалополис“ на Френсис Форд Копола, како и филмот „Реган“ за поранешниот американски претседател Роналд Реган.
Наградите „Златна малина“ се доделуваат од 1980 година. Номинациите ги одредуваат 1.000 членови на Фондацијата „Златна малина“, којашто е своевидна пародија на американската Академија за филмски уметности и науки. На добитниците на „негативниот оскар“ (кои инаку, честопати и не присуствуваат на доделувањето на анти-наградите) им се дава златно-жолта скулптура од малина која чини 4,79 долари.
„Победниците“ на „Златна малина“ вообичаено се објавуваат ден пред доделувањето на „Оскарите“. Годинава, тоа е датумот 1 март.