Министерот за војна на САД Пит Хегсет денеска на прес-конференција ја оцени иницијативата за негова смена како политички спектакл, фарса и саботажа насочена против американските војници.
Републиканскиот конгресмен од Кентаки Томас Маси вчера во Претставничкиот дом на Конгресот на САД поднесе резолуција за смена на Хегсет, наведувајќи дека министерот за војна го прекршил Уставот, бидејќи не побарал одобрение од Конгресот за војната против Иран.
Маси ја поднесе резолуцијата со која бара смена на Хегсет веднаш откако Претставничкиот дом се состана на првата седница по минатонеделните избори за Конгресот, на кои победи дотогаш опозициската Демократска партија.
Хегсет нагласи дека не направил ништо погрешно и тври дека ја има поддршката од претседателот Доналд Трамп и од потпретседателот Џеј Ди Венс.
Тој избегна да одговори на прашањето за политичките последици од војната и за ставвот дека противењето на гласачите на војната доведе до тоа републиканците да го изгубат мнозинството во двата дома на Конгресот.
Хегсет рече дека се легални американските воени акции против Иран, а претходно и во Венецуела, каде што САД го соборија претседателот.
– Јас стојам зад секоја од овие операции. Горд сум што ги спроведов и повторно би го направил тоа утре – рече Хегсет.
Само неколку минути по прес-конференцијата на Хегсет, претседателот Трамп на социјалните мрежи го пофали неговиот резултат.
„Пит Хегсет добива А плус, плус, плус за својата одбрана од лутиот, поразен, поранешен конгресмен Томас Маси, тотален губитник“, напиша Трамп.
Смената на Хегсет веројатно нема да успее бидејќи републиканците на Трамп до јануари го контролираат Конгресот и имаат мнозинство за секое гласање. Во јануари почнува со работа новиот состав на Конгресот во кој мнозинството го имаат демократите.

