Background

Гувернерот Славески на симпозиумот на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина: Ценовната стабилност е главен предуслов за одржлив економски раст во услови на зголемена светска неизвесност

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески учествуваше на панел-дискусијата на гувернерите под наслов „Трасирање на идниот развоj” во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.

Во своето обраќање, гувернерот Славески истакна дека централните банки денес се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении, поради низа последователни шокови – од пандемијата и геополитичките конфликти до нарушувањата во синџирите на снабдување и силниот раст на цените на енергијата и на суровините.

„Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени пред сѐ на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци“, посочи гувернерот Славески.

- Advertisement -
Ad image

Осврнувајќи се на мерките преземени од Народната банка за време на последниот инфлациски бран, тој нагласи дека институцијата одговори со сеопфатни пакет-мерки, вклучувајќи зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.

Гувернерот посочи дека стабилниот девизен курс е темелот на макроекономската стабилност во земјава. „Во мала и отворена економија, како нашата, стабилниот девизен курс претставува главно сидро за очекувањата и важен фактор за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија. Во текот на последните светски кризи, повторно се потврди ефикасноста на оваа стратегија“, истакна Славески.

Тој нагласи дека, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, додека економскиот раст и натаму е отпорен, а финансискиот систем ја зачува својата стабилност.

Во дискусијата за актуелните светски ризици, гувернерот предупреди дека неизвесноста и натаму е висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија. Притоа истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се остваруваат.

„Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и во банкарскиот систем е силна. Тоа е резултат на соодветните политики, јасната комуникација и долгогодишната посветеност на одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи гувернерот Славески.

На крајот, тој посочи дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон светските предизвици и дека е неопходна координација со одговорна фискална политика и спроведување структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, енергетската диверзификација и отпорноста на економијата.

На панел-дискусијата, покрај гувернерот Славески, учествуваа и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и Монголија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation